ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДА ПОБАРААТ ПАРИ НА ЗАЕМ ОД БЛИСКИТЕ: Колкав процент од македонските граѓани имале потреба од ваква услуга?

ДА ПОБАРААТ ПАРИ НА ЗАЕМ ОД БЛИСКИТЕ: Колкав процент од македонските граѓани имале потреба од ваква услуга?

Четвртина од македонските граѓани барале пари на заем од роднините или пријателите за покривање на животните трошоци.  Во Македонија 25,14 отсто од луѓето на возраст од 15 години и постари во 2021 година изјавиле дека позајмувале пари од семејството или пријателите во изминатата година, стои во глобалната база на податоци Findex на Светска банка.

Анкeтиравме граѓани на оваа тема и тие велат дека би дале одредена сума пари на луѓето кои им се блиски и во кои имаат доверба.

„Денес луѓето тешко даваат пари на заем. Такво е времето, луѓето не се сигурни дека ќе им ги вратат парите. Порано, кога бев помлада, давав пари на заем, ама поинаку беше. И сега се осудуваат луѓето да побараат пари на заем, ама помали суми. Ако на некој му требаат за лекови, сум давала по 2.000 денари и не се случило парите да не ми бидат вратени. Многу луѓе сега земаат и брзи кредити, не им стигнуваат парите за до крај на месецот“, рече Мима Саздовска, граѓанка.

Но, многу луѓе велат дека со години никој не им побарал пари на заем, а и тие се трудат да не се доведат во ситуација да бараат пари.

„Порано бараа пари на заем, а сега не. Зависи за кого се работи. Ние немаме многу пари, но 100 или 200 евра би дала на заем, а повеќе не“, рече Драгица Пешевска, граѓанка.

Друга жена вели дека не памети кога некој последен пат барал пари на заем од неа. Додава дека би излегла во пресрет и би дала пари на заем, само ако се работи за блиска личност.

„Одамна никој не ми барал пари на заем. На близок човек може да направам услуга, би дала 200, па и 500 евра. Мислам на брат, сестра, близок пријател“, кажа Богица Божиновска, граѓанка.

Анкетираните велат дека често се случувало поради позајмени и невратени пари, да се нарушат и роднинските или пријателските односи.

„Сум давала пари на заем, ама ризик е, може да не ги вратат. Сега со пријателките си даваме пари на заем ако не ни стигнуваат до пензија. Секој ден сме заедно и знам дека парите ќе ми бидат вратени. Сум била во криза, сум се соочила со нередовна плата, но се снаоѓав и освен од мајка ми и татко ми, во животот од други не сум барала заем“, рече Светлана Антевска, граѓанка.

Весна Прентоска, сметководител и финансиски советник е со став дека финансиската писменост кај нас треба да се унапреди и додава дека младите штом ќе почнат да заработуваат, дел од платата треба да тргаат настрана.

„Нас финансиската писменост не ни е на тоа ниво како на Запад. Тоа тргање на заштеда кај нас се случува подоцна, а не од старт. На Запад тоа го учат од мали нозе, а кај нас дури сега се практикува да се зборува за тоа по школите. Тоа се учи од дома. Кога ќе почнат младите да работат, да тргаат пари настрана. Во овие динамични времиња, не е како порано, дека некој ќе се вработи и 30 години ќе биде во истата фирма, тоа го нема и сега имаме премногу флуктуација и динамично вработување“, вели Прентоска.

Статистичките податоци од Европската комисија покажуваат дека во западните и северните земји од Европа, процентот на оние кои бараат пари на заем од блиските е мал, додека во јужните и источните делови на континентот, луѓето почесто имаат потреба да позајмуваат пари.

Сања Атанасовска

foto Gemini

ad
Слично

Поврзани вести