ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ескалацијата на Блискиот Исток ја крена нафтата за речиси 8 проценти

Ескалацијата на Блискиот Исток ја крена нафтата за речиси 8 проценти

Новото разгорување на конфликтите на Блискиот Исток предизвика силен раст на цените на нафтата, откако инвеститорите повторно се соочија со ризик од нарушување на снабдувањето и транспортот на енергенси.

Северноморската нафта „брент“ во средата поскапе за 7,91 проценти, додека американската лесна нафта забележа раст од 6,56 проценти. Тоа беше еден од најголемите дневни скокови од почетокот на конфликтот со Иран.

Зголемувањето следуваше по новата воена ескалација во регионот. Американските власти соопштија дека бил пресретнат ирански напад врз американски сили во Јордан. Потоа САД и Саудиска Арабија извршија напади врз вооружени групи во Ирак поврзани со Техеран, кои се обвинети за напади врз саудиски енергетски објекти.

Дополнителна неизвесност внесе можноста јеменските Хути да почнат да наплаќаат такси од комерцијалните бродови што минуваат низ јужниот дел на Црвеното Море. Таквиот потег би можел да ги зголеми трошоците за транспорт и дополнително да го отежне движењето на нафтата низ една од најважните светски поморски рути.

Притисокот врз цените го засилија и податоците од американската Администрација за енергетски информации. Комерцијалните залихи на сурова нафта во САД минатата недела се намалиле за 7,2 милиони барели, на вкупно 404,5 милиони барели. Нивото е околу шест проценти под петгодишниот просек за овој период од годината.

Во четвртокот цените се повлекоа благо, при што „брент“ се движеше околу 90 долари за барел, а американската нафта околу 84 долари. Пазарот сега внимателно следи дали конфликтот ќе предизвика вистински прекин на испораките или растот ќе остане последица на стравувањата од нова ескалација.

ad
Слично

Поврзани вести