Фирма од Приштина бара работници за изградба на пречистителна станица во Тетово пред да биде официјално соопштен изведувачот
Косовската фирма 2хАР Доо Приштина преку оглас барала работници кои ќе работат на изградба на пречистителната станица во Тетово, иако официјално пред јавноста уште не е објавена компанијата која ќе биде изведувач на проектот, ниту пак подизведувачите и асистентите кои би работеле заедно. .Прашањето е колку е етички да се работи на ваков начин, во ситуација кога јавноста се уште не ги знае имињата на операторите.
2хАР Доо Приштина регистрирала своја филијала-подружница во Скопје во јуни 2026. Сопственик е истоимената фирма за „изградба на комунални објекти за течности“ со Арлинд Металиај како управител. Неофицијално, изведувач на проектот ќе биде компанијата Месогеос Гундогу ЏВ од Атина, која регистрирала своја филијала во Скопје изминатите денови, но тоа уште не е потврдено пред јавноста од официјални извори.
Управителот на 2хАР Доо Приштина веќе објавил оглас на својот профил на „Линкдин“ за работници за изградба на пречистителна станица Тетово. Фирмата како нова инфраструктурно-градежна компанија била регистрирана во Косово на 3 декември 2025 и на оглас веќе се барале инженери. Исто така и во објава на LinkedIn од страна на вториот сопственик Ардијан Хоџа се бараат инженери за проект за пречистителна станица за отпадни води во Тетово, со контакт-мејлови на доменот 2xAR.global.

Последна информација од Општина Тетово за проектот датира од 17 април кога гадоначалникот Биљал Касами пред медиумите изјавил дека е одбрана фирма, која ќе ги гради колекторот и пречистителната станица и дека летово треба да се почне со градбата. Името на фирмата не беше обелоденето во јавноста, а единствено на интернет имаше известување дека на почетокот на мај е потпишан договор за надзорот, кој ќе го врши италијанската ИРД Енџинринг (IRD Engineering) во конзорциум со романската фирма Ромер Консалтинг (Romair Consulting).
„Капацитетот на пречистителна станица за отпадни води е планирана за 95.152 еквиваленти на население, за да се усогласи со барањата на Директивата на ЕУ 91/271 ЕЕС за третман на урбани отпадни води. Со проектот се предвидува, освен градот Тетово, да бидат опфатени и населените места Порој, Џепчиште, Голема и Мала Речица и Фалише. Чистењето на дивата депонија лоцирана на местото наменето за изградба на идната пречистителна станица за отпадни води е завршено, согласно потпишаните договор со Дрисла-Скопје доо и Голец Транс дооел“, соопшти Општина Тетово.како последна информација по ова прашање.
„Фактор“ пред две недели испрати прашања до општината за тоа кое е името на избраниот оператор што ќе работи на изградбата, но одговор не ни беше доставен од таму. Денес ни одговорија дека по ова прашање е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Министерството за животна средина велат дека оваа важна капитална инвестиција се спроведува во партнерство со Европската Унија и се користат ИПА средствата за пристапна помош, што воедно значи дека постапката за јавната набавка се спроведува преку Министерството за финансии, Сектор за централно финансирање и склучување на договори и истата е предмет на ex ante одобрување од страна на Делегацијата на ЕУ.
„Јавниот повик е меѓународен и објавен на F&T portal, како и на веб страната на CFCD. Општината Тетово, ниту Министерството за животна средина и просторно планирање не ги објавуваат резултатите од тендерската постапка.
На 16 април 2026 година беше избран операторот после кој избор има период на жалбени постапки“, реагираат од министерството.
А.К.
