Голема промена на повидок: Се создава еден од најголемите банкарски гиганти во Европа
Германската „Комерцбанк“ (Commerzbank), во која италијанската „УниКредит“ (UniCredit) моментално е најголем поединечен акционер, за првпат отворено изрази подготвеност да започне преговори со италијанската банка за евентуално преземање. Ова претставува значаен пресврт по неколкумесечното силно противење на оваа трансакција.
Претседателот на Надзорниот одбор на „Комерцбанк“, Јенс Вајдман, изјави дека по промените во сопственичката структура на банката, создадени се услови за конструктивни дискусии меѓу двете страни. Како што посочи тој, целта на преговорите треба да биде дефинирање на клучните услови што ќе ги заштитат интересите на вработените, клиентите и акционерите.
Вајдман нагласи дека „Комерцбанк“ посакувала поинаков тек на настаните, но дека сегашниот однос на силите меѓу акционерите повеќе не остава многу простор за поинаков пристап.
„УниКредит“ доминира со речиси 50% од гласачките права
Промената во ставот се случи откако „УниКредит“ го зголеми својот удел во „Комерцбанк“ на речиси 48 проценти од капиталот, односно на речиси 50 проценти од правата на глас, со што практично обезбеди доминантна позиција меѓу сопствениците. Конечниот пренос на дел од акциите сè уште зависи од регулаторните одобренија, кои се очекуваат до крајот на годината.
Извршниот директор на „УниКредит“, Андреа Орчел, претходно повика на разговори со германската влада и претставниците на вработените, додека менаџментот на „Комерцбанк“ инсистираше дека мора да биде директно вклучен во преговарачкиот процес.
Можното преземање на „Комерцбанк“ со месеци предизвикува силни политички реакции во Германија. Сојузната влада и менаџментот на банката долго време се спротивставуваа на трансакцијата, но германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна изјави дека владата нема да го блокира преземањето, иако сè уште има резерви за начинот на кој „УниКредит“ го зголемуваше својот сопственички удел.
Нов однос на силите во европскиот банкарски сектор
Борбата за контрола врз „Комерцбанк“ трае уште од 2024 година, кога „УниКредит“ започна интензивно да купува акции од германската банка. Најновата порака од Франкфурт е првиот јасен сигнал дека двете страни би можеле да започнат формални преговори по долготрајниот спор.
Според аналитичарите, евентуалното спојување на „УниКредит“ и „Комерцбанк“ значително би го променило односот на силите во европскиот банкарски сектор и би довело до создавање на една од најголемите прекугранични банкарски групи во Европската Унија.
„УниКредит банка“ има силно присуство и во регионот, вклучително и во Босна и Херцеговина, каде што работи со вкупна актива од 8,06 милијарди КМ и капитал од 1,09 милијарди КМ, управувајќи со мрежа од 69 филијали низ целата земја.
Телеграф.рс
