ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како загубивме грант од 60 милиони евра? На пругата Крива Паланка - граница со Бугарија биле потрошени само 10 милиони денари

Како загубивме грант од 60 милиони евра? На пругата Крива Паланка - граница со Бугарија биле потрошени само 10 милиони денари

За изградбата на железничката делница Крива Паанка - граница со Бугарија, како трета фаза од источниот дел од Коридор 8,  во текот на минатата година биле потрошени само 10,58 милиони денари за експропријација на земјиште.

Ова е наведено во извештајот на инвеститорот ЈП Железници - Инфраструктура во извештајот за сработеното во 2025.  Минатата недела беше објавено дека земјата изгубила 60,77 милиони евра неповратни средства од Европската Унија како грант, наменети за изградба на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија. Според официјалните документи доставени од Владата до Собранието, средствата од ИПА-програмата повеќе не се достапни, бидејќи тендерската постапка објавена во 2024 година била поништена, а договорот за изградба не бил склучен во предвидениот рок.


За втората фаза од железничкото поврзување со Бугарија - делницата од Бељаковци до Крива Паланка од 34 километри, биле потрошени нешто повеќе од 12 милиони евра, од кои околу 2,5 милиони евра биле грант кој не бил целосно искористен.  Се работело на 15 тунели, 29 мостови, подвозници и надвозници, потпорни конструкции и пристапни патишта, запишано е во извештајот.

Опозициските партии веќе реагираа дека на крајот од 2023 година за проектот бил обезбеден финансиски пакет вреден околу 560 милиони евра, кој вклучувал кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и ИПА-грант од Европската Унија во висина од 60,77 милиони евра. 

Македонија не ги изгуби парите затоа што ЕУ се предомисли, туку затоа што проектот за третата железничка делница на Коридор 8 (Крива Паланка – бугарска граница) не беше доволно подготвен и не беше склучен договор за изградба во рокот што го бараше ИПА програмата.

За оваа делница беа обезбедени 60,77 милиони евра неповратен ИПА-грант од ЕУ, покрај кредитите од ЕБОР и ЕИБ и грантот од ВБИФ. Вкупната конструкција беше околу 560 милиони евра. Уште Државниот завод за ревизија во 2024 година предупреди дека постои голем ризик да се изгуби грантот, бидејќи планирањето и подготовката на проектот траат предолго. Во 2024 бил распишан тендер за изградба, но во предвидениот рок не бил склучен договор со изведувач. Поради истекување на роковите на ИПА-финансирањето, средствата повеќе не можеле да се користат. Владата потоа предложи промена на моделот на реализација, за проектот да продолжи со веќе договорените кредити, но без ИПА-грантот. 

А.К.

ad
Слично

Поврзани вести