Kои наши соседи работат повеќе од три години подолго отколку пред една деценија?
Според Евростат, во просек, Грците работат повеќе од три години подолго отколку пред една деценија.
Според податоците, очекуваната должина на работниот век во Грција во 2025 година е 35,3 години, во споредба со 34,8 години претходната година, објавува „Катимерини“.
Во споредба со 2014 година, пред големите реформи на пензискиот систем, со кои се зголеми возраста за пензионирање и постепено се укинаа посебните услови за пензионирање, очекуваниот работен век се зголеми од 32,1 на 35,3 години.
Овој индикатор не ја претставува законската возраст за пензионирање, ниту значи дека сите граѓани работат подолго, туку претставува статистичка проценка на вкупното време што едно лице го поминува на пазарот на трудот, без разлика дали е вработено или невработено, врз основа на моменталните стапки на вработеност и очекуваниот животен век.
Сепак, континуираниот раст на овој индикатор укажува дека Грците остануваат активни на пазарот на трудот подолго од порано.
И покрај зголемувањето, Грција сè уште заостанува зад просекот на Европската Унија, кој изнесуваше 37,5 години во 2025 година, во споредба со 37,2 години претходната година.
Од 2016 година, просечниот работен век во ЕУ е продолжен за 2,3 години, од 35,2 на 37,5 години, пренесува Танјуг.
Холандија има најдолг очекуван работен век со 44 години, Шведска со 43,4 и Данска со 42,6 години, додека последни се Романија со 32,7 години, Италија со 33 и Бугарија со 34,6 години.
Во Грција, разликите меѓу мажите и жените се уште се изразени.
Очекуваниот работен век на мажите е 38,5 години, додека за жените е само 31,8 години, што е втор најнизок резултат во Европската Унија, веднаш по Италија.
Ваквите податоци укажуваат на долгорочните тешкотии со кои се соочуваат жените во Грција на пазарот на трудот, како во вработувањето, така и во однос на должината на нивната професионална кариера.
foto Gemini
