ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ленди груп“ првпат во топ 20 фирми за тендери, петте најголеми договори годинава тежат 16,2 милиони евра

„Ленди груп“ првпат во топ 20 фирми за тендери, петте најголеми договори годинава тежат 16,2 милиони евра

Градежната компанија „Ленди груп“ од Скопје првпат се најде меѓу 20-те понудувачи со најголема вредност на склучени договори за јавни набавки во земјава.

Во Годишниот извештај на Бирото за јавни набавки за 2025 година, компанијата е рангирана на 14. место со договори во вкупна вредност од 918.420.225 денари, односно околу 14,9 милиони евра. Извештајот беше објавен на 16 јули годинава.

Податоците од Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека растот продолжува и во 2026 година. Само петте најголеми договори што досега ги добила компанијата годинава имаат вкупна вредност од околу 16,2 милиони евра. Тоа е за речиси 1,3 милиони евра повеќе од целата вредност со која „Ленди груп“ се најде на листата за 2025 година.

Убедливо најголемиот договор е склучен со Град Скопје за изградба на втората фаза од булеварот „Македонија“. Договорот, склучен на 9 јули, изнесува околу 11,86 милиони евра, додека проценетата вредност на набавката била околу 12,47 милиони евра.

Вториот најголем договор е со Општина Гостивар за изградба на нов главен мост кај Судот, вреден околу 1,71 милион евра.

Следува реконструкцијата на првата фаза од булеварот „Македонија“ во Скопје, за која Град Скопје склучил договор со компанијата во вредност од околу 1,24 милиони евра.

„Ленди груп“ добила и договор од Министерството за спорт, вреден околу 877.000 евра, за адаптација и реконструкција на спортска сала во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Петтиот договор е со Општина Шуто Оризари и се однесува на реконструкција на повеќе локални улици. Неговата вредност изнесува околу 549.000 евра.

Брзиот раст на компанијата во јавните набавки беше тема и на политички прес-конференции. Опозицијата ја посочуваше „Ленди груп“ како компанија блиска до актуелната власт и тврдеше дека во период од две години добила 74 тендери вредни 17,6 милиони евра. Во друга партиска реакција фирмата беше вброена меѓу компаниите што опозицијата ги нарекува „омилени тендераши на власта“. Станува збор за политички наводи изнесени од опозицијата.

На врвот на листата за 2025 година очекувано се наоѓаат големи компании од фармацевтскиот, енергетскиот, градежниот и нафтениот сектор. Овие компании редовно се појавуваат меѓу најголемите носители на јавни набавки.


Филип Костов

ad
Слично

Поврзани вести