Мајките молат за сопствените пари, ФЗОМ ги храни со празни ветувања-секој месец се доцни со исплатите за породилно
Мајките на породилно отсуство секојдневно ги проверуваат своите банкарски сметки, повторно се јавуваат во Фондот за здравствено осигурување и повторно го слушаат истиот одговор: „Исплатата тече, следете си на сметката“.
Но, зад оваа административна реченица не стојат само предмети, налози и процедури. Стојат семејства кои треба да купат пелени, адаптирано млеко, лекови, храна и да ги платат сметките. Стојат жени кои во периодот кога треба да закрепнуваат по породувањето и да се грижат за своето бебе, се принудени да пресметуваат колку денови можат да издржат без приход.
На 27 јули, во групите на социјалните мрежи повторно се појавија прашањата: „До каде е исплатата за породилно?“ и „Дали некој доби пари?“. Според објавите на мајките, надоместокот за јуни сè уште не бил исплатен на дел од корисничките, додека претходниот месец исплатата за мај била реализирана дури во јули.
И ова не е изолиран случај. Со месеци наназад жените се жалат на задоцнети исплати, недостиг од прецизни информации и различни одговори од институцијата. Уште во март 2026 година, на интернет-форум посветен на породилните надоместоци, кориснички пишувале дека сè уште ја чекаат исплатата за февруари и дека со денови не можат да добијат одговор од Фондот, пренесува Женски магазин.
Породилното не е подарок од државата
Најголемиот револт кај мајките произлегува од фактот што породилниот надоместок честопати во јавноста се третира како помош или социјален додаток. Тоа не е така.
Станува збор за надоместок на плата што се исплаќа од средствата на Фондот во случај на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Тоа е право поврзано со работниот однос и со уплатените придонеси, а не милост што институциите можат да ја исплатат кога ќе проценат дека им одговара.
Токму затоа доцнењето не може да се сведе на „технички проблем“ или на некаква вообичаена административна динамика. За една институција можеби станува збор за ставка во системот, но за една мајка тоа е единствениот месечен приход.
Сметките не доцнат затоа што Фондот има процедура. Аптеките не ги одложуваат плаќањата, а маркетите не даваат пелени со образложение дека „исплатата е во тек“. Додека државата си зема право да доцни, семејствата немаат таков луксуз.


Секој месец ист одговор, а парите ги нема
Дополнително понижување, според реакциите на мајките, е начинот на кој дел од нив се третирани кога се обидуваат да добијат информација.
Во приложената комуникација, на прашањето „До каде е исплатата за породилно?“ следува кус одговор: „Исплатите течат, следете си на сметката“.
Токму оваа реченица, според мајките, се повторува со денови. Притоа, тие тврдат дека на сметките нема средства, а никој не им кажува јасно кога ќе бидат исплатени, во кој рок и по кој редослед се обработуваат барањата.
ФЗО и претходно објаснуваше дека надоместокот за породилно не се исплаќа истовремено на сите кориснички, туку дека станува збор за континуиран процес што трае во текот на целиот месец. Во ноември 2025 година Фондот тврдеше дека не е можно од негова страна да има доцнење од 30 дена и дека исплатите зависат од комплетирањето на постапките.
И во јули 2026 година, во одговор пренесен во медиумите, Фондот соопштил дека исплатите се реализираат континуирано и веднаш по завршувањето на законските процедури. Навел и дека во мај биле исплатени повеќе од 308 милиони денари по основ на породилно отсуство.
Но, вкупната сума не го решава проблемот на жената која конкретниот месец не добила ништо. Статистиката не купува млеко, а зборот „континуирано“ нема никакво значење без јасен, предвидлив и јавно објавен датум за исплата.
Продолжува на Женски магазин....
