ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Медитации за обични смртници“ од Оливер Буркеман открива како да им се посветите на вистинските цели

„Медитации за обични смртници“ од Оливер Буркеман открива како да им се посветите на вистинските цели

Како да ги прифатите сопствените граници и да им се посветите на вистинските цели? Ова е централното прашање што го поставува новата книга „Медитации за обични смртници“ од британскиот автор и новинар Оливер Буркеман.

Книгата е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, исто како и неговиот светски бестселер „Четири илјади седмици“, кој важи за едно од највлијателните дела за современото сфаќање на времето и на продуктивноста.

Со својата филозофија на „несовршенството“, Буркеман ги предизвикува длабоко вкоренетите уверувања дека еден ден ќе имаме доволно време, дека ќе бидеме совршено организирани и дека конечно ќе ги ставиме сите работи под контрола. Но, дали навистина ќе дојде тој ден?

Одговорот на Буркеман е едноставен и ослободувачки: не. Наместо бескрајната трка по совршенството, тој предлага поинаков пристап – да ја прифатиме реалноста дека времето ни е ограничено, дека иднината е неизвесна, а обврските се бескрајни. Токму во тоа прифаќање, тврди авторот, се кријат мирот, радоста и чувството на исполнетост.
„Медитации за обични смртници“ е осмислена како четиринеделно патување низ кратки, лесно читливи поглавја што можат да се читаат секој ден. Инспирирани од мисли од филозофијата, од религијата, од книжевноста и од современата психологија, овие медитации нудат практична филозофија за животот – не како совршени луѓе, туку како обични смртници што учат да живеат поисполнето токму среде секојдневниот хаос, среде неизвесноста и среде постојаните одвлекувања на вниманието.

Во текот на четирите недели читателите ќе бидат водени низ процес на прифаќање на сопствените ограничувања, на развивање храброст да дејствуваат дури и кога условите не се идеални, како и кон подлабоко доживување на сегашниот момент. Наместо уште еден прирачник што ветува „совршен живот“, оваа книга нуди реален и охрабрувачки поглед кон човековата природа и потсетува дека најважните нешта не треба да ги одложуваме за некое подобро утре.

Оливер Буркеман (1975) е британски автор и новинар, долгогодишен колумнист на  „Гардијан“, каде што ја пишуваше популарната неделна колумна  This Column Will Change Your Life, посветена на психологијата, на навиките и на смисленото живеење. Денес го уредува билтенот The Imperfectionist, во кој продолжува да ги истражува темите за времето, за продуктивноста и за ограничувањата на луѓето.

Книгата е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.


ПР објава


ad
Слично

Поврзани вести