ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

МНР ЌЕ ГИ КОНТРОЛИРА СТРАНСКИТЕ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ – ќе прават скрининг на сите странски вложувања

МНР ЌЕ ГИ КОНТРОЛИРА СТРАНСКИТЕ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ – ќе прават скрининг на сите странски вложувања

Македонија ќе воспоставува нов, строго контролиран механизам за филтрирање на странските капитални вложувања со цел примарно да ги заштити националната безбедност, јавниот ред и своите стратешки интереси. Со новиот Предлог-закон за проверка на странските директни инвестиции, државата воведува обврска за задолжителна пријава и темелна анализа на секој странски капитал што влегува во клучните сектори на домашната економија. Овој законски механизам претставува значаен чекор кон усогласување на македонското законодавство со европските стандарди, пред сè со Регулативата на Европската Унија за скрининг на странските вложувања, со што се воспоставува рамнотежа меѓу отвореноста за странски бизниси и заштитата на државната сувереност.

-  Потребата од изготвување и донесување на Законот за пријавување и проверка на СДИ е еден од приоритетите на нашава земја во рамки на Стратешкото партнерство со САД, a воедно е дел и од Препораките на Европската комисија од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за 2025 година, во рамки на поглавјето 30-Надворешни односи– се посочува во законското решение доставено во Собранието.

Централна улога во овој нов систем му се доделува на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое ќе дејствува како главен администратор, надзорен орган и координатор на целиот процес.

Сите странски инвеститори или домашни компании каде што се планира вложување ќе мора претходно да поднесат пријава до ова Министерство. Проверката се активира доколку странскиот вложувач намерава да стекне најмалку десет проценти од основната главнина или од правото на глас, под услов износот на инвестицијата да не е помал од 50.000 евра.

Оваа обврска се однесува на широк спектар витални дејности, почнувајќи од воената индустрија, наменското производство и критичната инфраструктура во сите нејзини форми, како што се енергетиката, транспортот, здравството, водоснабдувањето, банкарскиот сектор и изборната инфраструктура. Под лупа ќе бидат и сите вложувања во чувствителни технологии, стоки со двојна употреба, дигитални мрежни системи, критични суровини, медиумски услуги, како и бизниси кои имаат пристап до големи бази на чувствителни лични податоци. По исклучок, Министерството ќе може да ги провери и инвестициите во други сектори доколку тие се поврзани со проекти од интерес за Европската Унија или претставуваат потенцијален ризик за безбедноста.

-  Основно решение предвидено со Предлогот на закон е воспоставување национален механизм за скрининг на СДИ, преку кој би се спроведувале пријавувањето и проверката на СДИ во стриктно утврдени критични и сензитивни сектори во Република Северна Македонија, доколку за ваквите СДИ постојат серизони индиции дека нивното реализирање би имале негативен ефект врз националната безбедност, јавниот ред и стратешките интереси на нашата земја. Оттука, мошне битно е да се нагласи дека со Предлогот на закон не се воведува забрана, а со тоа и обврска за пријавување и проверка за секоја СДИ што влегува во нашата земја– пишува во законот.

За да се оцени дали една инвестиција е безбедна, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе спроведува детални консултации со сите релевантни државни чинители, меѓу кои се Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Агенцијата за национална безбедност, Народната банка и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Институциите ќе ја проценуваат инвестицијата низ десет строго дефинирани критериуми. Меѓу нив посебно се анализираат влијанието врз економската стабилност, заштитата на конкуренцијата, но и сопственичката структура на самиот инвеститор. Особено детално ќе се испитува дали странскиот вложувач е под директна или индиректна контрола на влада од трета земја, дали тој или неговите крајни сопственици се наоѓаат под меѓународни санкции од Обединетите Нации или Европската Унија, како и каков е неговиот деловен ugлед во однос на претходни активности поврзани со безбедноста.

Целата постапка за проверка ќе трае најмалку 90 дена, по што Министерството подготвува соодветен предлог, а конечната одлука ја донесува Владата. Владата може да даде зелено светло, да ја услови инвестицијата со исполнување на одредени барања или целосно да ја одбие. Доколку странскиот инвеститор е незадоволен од ваквата одлука, заштита на своите права ќе може да бара преку поведување управен спор пред надлежниот суд. За дополнително осигурување на националниот интерес, законот му дава право на Министерството по службена должност да отвори постапка за проверка и на веќе реализирани инвестиции во рок од пет години од нивното завршување, доколку постојат индиции дека тие ја загрозуваат безбедноста, а инвеститорот претходно ги избегнал консултациите.

За успешно спроведување и дигитална евиденција, Предлог-законот предвидува формирање на сеопфатен информатички систем со база на сите пријавени, одобрени и одбиени инвестиции, при што строга заштита ќе уживаат сите лични и доверливи податоци прибавени во текот на анализите. Доколку некој странски инвеститор не ги почитa донесените владини одлуки, Владата ќе може да го спречи понатамошното вложување, да му ги заплени или ограничи сопственичките и гласачките права, но и да преземе други законски мерки. За непречено спроведување на правото, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе иницира прекршочни постапки пред надлежниот суд, кој пак ќе изрекува санкции во форма на високи парични глоби, привремени забрани за вршење дејност и одземање на стекнатата имотна корист.

Со цел сите бизниси и институции соодветно да се подготват за новите административни правила, предвидена е одложена примена на овој закон во рок од 18 месеци од денот на неговото влегување во сила.

П.О.

ad
Слично

Поврзани вести