Нафтата на Венецуела повторно привлекува милијарди, но поголемиот дел од парите ги контролираат САД
Аналитичарите предупредуваат на нетранспарентното управување со милијарди долари приходи, додека локалните заедници продолжуваат да чекаат на придобивките од зголеменото производство.
Нафтената индустрија на Венецуела се опоравува по две децении пад, но поголемиот дел од приходите сè уште минуваат низ Соединетите Американски Држави(САД), додека странските инвеститори чекаат политичка стабилизација на земјата пред да направат нови големи инвестиции.
Производството на нафта во Венецуела продолжи да расте, достигнувајќи просек од 1,2 милиони барели дневно помеѓу април и јуни оваа година, во споредба со 1 милион барели дневно во 2025 година и околу 600.000 барели во 2020 година, кога секторот беше на најниско ниво во последните децении.
Според проценките на претседателот на Нафтената комора на Федералната држава Анзоатеги, Виктор Хозе Моралес, 2026 година би можела да биде најдобрата година за венецуелската нафтена индустрија во последните 10 до 13 години. Само минатата година, извозот на нафта ѝ донесе на земјата околу девет милијарди долари, а таа сума, тврди Моралес, веќе била надмината во средината на оваа година.
Зголемувањето на производството е резултат и на промената на американската политика кон Каракас. На почетокот на годината, Вашингтон ублажи дел од санкциите и дозволи враќање на шест големи меѓународни енергетски компании - Шеврон, БП, Шел, ЕНИ, Репсол и Маурел и Промо, пишува „Ле Монд“.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека САД собрале околу 13 милијарди долари од венецуелската нафта, експертите предупредуваат дека овие пари не завршуваат директно во американскиот буџет.
Приходите од продажбата на нафта се уплаќаат на посебна сметка под надзор на Министерството за финансии на САД (првично отворена во Дубаи), која ги одобрува средствата на венецуелската влада само по проверка и одобрување на одредени трошоци.
Економистот и поранешен директор на државната нафтена компанија PDVSA, Хозе Торо Харди, смета дека Каракас не располага слободно со овие пари, додека експертите предупредуваат дека системот сè уште се карактеризира со голема нетранспарентност и дека не е јасно колку пари всушност биле исплатени на Венецуела.
Франциско Моналди, директор на програмата за енергетика во Институтот за јавна политика „Бејкер“ на Универзитетот „Рајс“ во Хјустон, вели дека не е познато колку пари се уплатени или колку се исплатени, што е неприфатливо. Моналди не ја исклучува можноста дел од приходите да завршиле кај луѓе блиски до Трамп или сојузници на венецуелската влада.„Постои јасна разлика помеѓу износот што се вратил во Венецуела и износот што треба да биде на сметката на американското Министерство за финансии“, заклучува тој.
И покрај закрепнувањето, Венецуела е сè уште далеку од производството што го имаше кон крајот на 1990-тите, кога пумпаше околу 3,4 милиони барели нафта дневно.
Харди проценува дека враќањето на тоа ниво би барало помеѓу 100 и 150 милијарди долари нови инвестиции, со дополнителни 15 до 20 милијарди долари за обнова на електричната мрежа. Државата, вели тој, нема таков капитал и ќе мора да се потпре на приватни инвеститори.
foto Gemini
