Нафтата поевтини по сигналите за можен договор со Иран
Цените на суровата нафта се спуштија на најниското ниво во последната недела, поттикнати од очекувањата дека тензиите на Блискиот Исток би можеле постепено да се намалат, како и од подобрената состојба со глобалното снабдување.
Северноморската нафта брент се тргуваше за околу 88 долари за барел, додека цената на американската лесна нафта WTI се движеше околу 82 долари, покажуваат податоците објавени од „Трејдинг економикс“.
Пазарите позитивно реагираа на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој посочи дека Вашингтон води конструктивни разговори со Иран и дека постојат изгледи за постигнување договор. Тој воедно остави отворена можност за продолжување на американските воени операции доколку дипломатските напори завршат без резултат.
САД во петокот ги запреа нападите врз Иран по конфликт што траеше речиси две недели. Иранските власти соопштија дека ја прекинале воената одмазда и почнале разговори со Оман за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Низ овој теснец поминува значителен дел од светската трговија со нафта, поради што секоја закана за негово затворање или ограничување предизвикува силни движења на енергетските пазари.
Дополнителен притисок врз цените создаде обновувањето на товарењето нафта на терминалот на Конзорциумот за касписки гасовод на рускиот брег на Црното Море. Терминалот претставува една од главните извозни точки за казахстанската нафта, а неговата работа претходно беше нарушена по напади со украински беспилотни летала.
Истовремено, јеменските Хути тврдат дека нападнале објекти поврзани со саудиската нафтена компанија „Арамко“ во Џизан и Јанбу. Саудиските власти и компанијата досега не објавија потврда за наводните напади.
