Николоски: Македонија самостојно преку билатерални договори го решава проблемот со транспортерите и тие да не подлегнуваат на пропаганди
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски вели дека Македонија самостојно преку билатерални договори го решава проблемот со транспортерите. Веќе како што додава имаме такви договори со Швајцарија, Хрватска и Романија, а работиме со Австрија, со Германија и Унгарија.
„Тоа е систем на ЕУ и тие треба да најдат решение, ние во рамки на можностите на Владата го наоѓаме решението преку овие билатерални договори за долгорочни работни визи“, истакна министерот.
Николоски во гостување на ТВ Телма, како што информираат од Министерството за транспорт, потенцира дека овие се таргетирани како земји каде македонските превозници најмногу извезуваат или транзитираат.
„Начинот на којшто ние можеме да помогнеме е да склучиме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната како би се издавале долгорочни работни визи кои би можеле да ги користат превозниците. Тоа е едното, второто кое што веќе успеавме да го договориме со Европската Kомисија е возачите да бидат признати како професионалци и нешто што се случи. Веќе имаме такви договори со Швајцарија, Хрватска и Романија. Во тек се Австрија, работиме со Германија и Унгарија и генерално ова се земјите каде што македонските извозници најчесто одат и онаму каде што најчесто се извезува македонската стока, што значи дека македонските транспортери најчесто патуваат таму“, вели тој.
Николоски го потврди ставот на Владата дека секоја држава од Западен Балкан самостојно треба да го решава овој проблем.
„Она што јас во повеќе наврати го кажувам и сега ќе го кажам е дека секоја држава треба да го решава проблемот самостојно и дека не смееме овој проблем да се гледа заеднички, затоа што една е позицијата на Македонија, друга е на останатите држави од Западен Балкан и не мислам дека е паметно овој проблем да се гледа заеднички, туку треба сите држави да го решаваат индивидуално. Ние го решаваме индивидуално, имаме решение и ако другите држави не можат да го решат, тоа е нивни проблем“, истакна министерот за транспорт.
Апелираше до превозниците да не подлегнуваат на странски пропаганди, бидејќи Владата работи на билатерални договори со државите.
Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе чекаат до 1 септември кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести.фото принтскрин
