ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новиот министер за земјоделство: Субвенции треба да се даваат додека земјоделците се снајдат, тие не треба да се социјална компонента

Новиот министер за земјоделство: Субвенции треба да се даваат додека земјоделците се снајдат, тие не треба да се социјална компонента

Новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски во најавата за утрешното интервју за МИА вели дека погрешна е и примената на субвенциите кои, како што нагласува, не треба да бидат социјална компонента, туку треба да стимулираат раст на производството/продукцијата во почетна фаза.

- И примената на субвенциите е погрешна. Субвенцијата ја доведовме, да не речам, да биде како социјална категорија. И сега, сите чекаат субвенции. Да, јас знам дека луѓето зависат од тие средства, ама најголемите гласноговорници се оние со еден декар патлиџани, оранжерија од два декара, четири овци и три крави. Субвенциите треба да стимулираат одреден раст во почетна фаза. На пример, јас сакам да инвестирам во земјоделство како повратник од странство или млад земјоделец - му даваме грант и тој треба да добива субвенции додека се изгради како земјоделец и има сигурен пласман. Ако насадиме повеќегодишни насади, потребни се 4 - 5 години за правиот род. Значи, ние треба да го стимулираме земјоделецот во тој период, за да издржи и потоа да има сопствено производство, да продолжи со развојни мерки, инвестициски - национална програма, рурална програма, ИПАРД програми, да го модернизира земјоделството, да оди кон фаза во која ќе има сигурно производство, квалитет, агротехнички мерки како што треба, вели Серафимовски. 

Тој додава и дека имало голем број злоупотреби, особено со ушните маркички со кои е обележано секое грло. 

- Грлото угинува, а сопствениците едноставно ја земаат маркичката, ја чуваат и се уште врз основа на таа маркичка го пријавуваат животното иако е веќе угинато, го нема. Во една неофицијална акција што сега ја направивме, се покажа дека на хартија имаме скоро 400.000 овци, а реално се околу 250 до 280 илјади. Се работи за разлика од 100 до 130-140 илјади грла. Тоа се сериозни пари ако се земе предвид што како финансиска поддршка добиваат сопствениците по овца - од приплод, млеко,... Сега со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) размислуваме секое грло да има чип што ќе може да се чита со обичен читач. Дури и со GPS локатори ќе можеме да ги следиме грлата, ако дојдеме до тој момент, изјави тој.

Серафимовски оценува дека ваквата ситуација може да се надмине само со засилени контроли, но апелира и до земјоделците - да бидат максимално одговорни и да го пријавуваат реалното производство. 



ad
Слично

Поврзани вести