„Охрабрувачки сигнал за движењата во економијата“: Димитриеска-Кочоска за инфлацијата - статистичарите пресметаа само 2,3 отсто раст
Објавените податоци на Државниот завод за статистика за нивото на инфлација во јули 2026 година во споредба со јули 2025 година е уште еден показател којшто е потврда за политиките коишто ги креира и спроведува Владата и упатува на стабилизирање на економските текови и задржување на позитивните трендови во економијата, наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на социјалните мрежи.
Таа укажа дека според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата го продолжува трендот на намалување и во јули изнесува 2,3 проценти на годишно ниво. Во април 2026 година на инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 5,7 проценнти, во мај 4,8 и во јуни 3,4 проценти. Забавување на растот на цените е забележано и на месечно ниво кај речиси сите категории производи и услуги, со исклучок на транспортот.
- Ова е уште еден охрабрувачки сигнал за движењата во економијата. Покрај намалувањето на инфлацијата, раст бележат извозот, индустриското производство и вработеноста, што укажува дека економските политики даваат резултати. Тоа се потврдува и со растот на даночните приходи во Буџетот заклучно со 31 јули 2026 година.
Ќе продолжиме внимателно да ги следиме економските движења и да креираме мерки коишто се во интерес на граѓаните, за заштита на животниот стандард и за понатамошно зајакнување на македонската економија - наведува министерката за финансии во објавата на Фејсбук
Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, изнесува 0.1 отсто.
Сепак, позначајно е годишното движење на инфлацијата, за кое што статистичарите пресметале дека изнесува 2,3 проценти, како што сподели и министерката.
- Индексот на трошоците на животот во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, бележи зголемување од 2,3 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1,8 % - се посочува во објавата на ДЗС.
Имено, притоа е посочено дека во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Транспорт за 4.4 %, Рекреација, спорт и култура за 2.6 %, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0.9 %, Ресторани и услуги за сместување за 0.7 %, Услуги за образование за 0.3 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1%.
Во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 1.4 %, Храна и безалкохолни пијалаци за 1.1 %, Облека и обувки за 0.2 %, Информации и комуникации и Здравствена заштита за 0.1 %.
Трошоците на животот во групите Осигурување и финансиски услуги и Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
