Поради сушата страда „оризовиот појас“ во една европска земја
Реката По e на рекордно ниско ниво, а италијанските производители на ориз се во проблеми.
Сушата, растечките трошоци и ниските цени на оризот би можеле да ги намалат приходите на земјоделците во северниот италијански град Павија за повеќе од 100 милиони евра, предупреди локалниот огранок на здружението на земјоделци „Конфагриколтура“. Здружението соопшти дека времето е лошо, трошоците растат, цените на оризот се ниски, а конкуренцијата од земјите надвор од Европската Унија(ЕУ) е силна.
Италија е најголемиот производител на ориз во Европа. Повеќе од 80 проценти од оризовите полиња во земјата се на север, по должината на реката По, главно во ломбардиската покраина Павија и пиемонтските покраини Верчели и Новара. Управата за сливот на реката По предупреди дека оваа година се заканува тешка суша, бидејќи резервите на вода во алпските езера се намалуваат.
Езерото Маџоре моментално е во екстремна суша, според официјалната класификација, додека нивото на водата на реката По во близина на Кремона неодамна падна на рекордно ниско ниво за ова време од годината, според „Ројтерс“.
Италијанскиот „оризов појас“ историски е богат со вода, но поради денешните суви услови, компаниите за водоснабдување мораа да воведат построги мерки за да обезбедат доволно вода. Според нивните проценки, оваа сезона е уште потешка од екстремната суша од 2022 година.
Оваа година, во северна Италија беше воведен систем на ротација, имено за областите Ломбардија и Пиемонт. Според овој систем, регионот е поделен на помали делови кои добиваат вода наизменично, секоја втора недела. На овој начин, оскудните ресурси се распределуваат низ целата област.
Сепак, наводнувањето е сè уште можно само затоа што алпскиот мраз се топи поради високите температури. Поради потоплата клима, снегот се топи сè порано, па затоа земјоделците размислуваат да се вратат на некои стари методи, како што е поплавување на полињата во делот од годината кога водата е повеќе достапна.
Едно можно решение би било да се изгради резервоар за вода, но тоа би можело да потрае со години. Инженерите работат на изградба на базен за складирање на реката По, што треба да помогне во одржувањето на стабилен проток низводно.
„Поради моменталниот очаен недостиг на вода, моравме да донесеме некои драстични одлуки“, изјави за Ројтерс земјоделецот за ориз од Ломбардија, Џузепе Таљабуе.
За да ја спаси културата, тој ја насочил достапната вода кон еден дел од плантажите, додека другите полиња ги оставил на времето.
foto Gemini
