ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Продажбата на станови на „Тетекс“ му донесе многу поголеми приходи и добивка за половина година во 2026

Продажбата на станови на „Тетекс“ му донесе многу поголеми приходи и добивка за половина година во 2026

Продажбата на станови и на локации за изградба на станови на некогашниот текстилен гигант АД Тетекс му донеле убедливо највисоки приходи споредбено со сите останати дејности на друштвото во првата половина од 2026.

Тетовскиот комбинат во првите шест месеци од оваа година, според полугодишниот извештај доставен до Македонска берза, остварил речиси 1,4 милиони евра приходи од градежните активности за станбено домување.

- Останати оперативни приходи  изнесуваат 85,008.000 денари и во нив се вклучени приходите од продажба на недвижен имот, како и приходи од пренос  на право на располагање со земјиште за градба, гласи коментарот на акционерското друштво.

Ова довело до огромна разлика кај крајниот резултат кај Тетекс споредбено со истиот период лани. Тогаш биле продадени станови само за 22.202.000 денари. Тоа влијаело оваа година за периодот 1 јануари - 30 јуни друштвото да направи вкупни приходи од 115.848.000 денари, споредено со ланските 54.646.000 денари. Добивката е удвоена и изнесува околу половина милион евра.

Приходите остварени од кирии, услуги од царински терминал и продажба на материјали, готови производи и стоки се околу 500.000 евра, а потоа следат финансиските приходи од околу 240.000 поврзани најмногу со активностите со ТТК Банка во првата половина од годинава.

Тетовскиот индустриски гигант во 2024 ја најави својата нова развојна насока – изградба на современ станбен комплекс во Тетово, со што компанијата официјално го проширува своето работење и во секторот на недвижности, а градежните активности започнаа лани. Според информациите на „Фактор“, тетовскиот инвеститор како изведувач ја има ангажирано релативно новата градежна компанија ФАБ Буилдинг на кои им го префрлил правото на земјиштето, по што е започната продажбата на становите во изградба.

Проектот е претставен под името „Ново Тетово“ и е лоциран во близина на комплексот на фабриката Тетекс. Според објавените информации, станува збор за затворена модерна населба составена од три станбени објекти со вкупно 75 станови, наменети пред сè за семејно домување. Во рамки на проектот се предвидени зелени површини, паркинг-простор и урбано уредување по современи стандарди.

Со овој проект, Тетекс симболично прави премин „од текстилна традиција кон современо домување“, порака која компанијата ја истакнува и на својата официјална веб-страница, каде недвижностите се наведени како една од новите стратешки области на развој.

Изградбата на „Ново Тетово“ е планирана во повеќе фази, а според промотивните материјали, вселувањето е предвидено за 2027 година. 
А.К.

ad
Слично

Поврзани вести