Салаудин Арифи се откажа од поседот од 10 отсто во ЗИК Пелагонија, му ја отстапи фирмата на Панделески
Салаудин Арифи, бизнисменот од Кичево, му ја отстапи фирмата која поседува 10 отсто од акциите на ЗИК Пелагонија на семејството Панделески.
Од минатиот месец Нова Агро Инвест, која има десет отсто од пакетот акции во најголемиот земјоделски коминат во земјата, е во сопственост на ТИМ Доо на Дејан Панделески и Снежана Георгиева. Претходно оваа фирма беше во сопственост на АС Сењак на Арифи.
Акционерското друштво, кое изминатиот период одлучи нето добивката од 2 милиони евра да ја распредели како реинвестирана, е во сопственост на повеќе покрупни акционери, меѓу кои е и Нова Агро Инвест.
22,68 отсто поседува Софија Градба, а на второто место со 17,55 проценти следува Фарма Нова Инвест, која од октомври 2024 е во сопственост на Златко Пирузе, а претходно била на Панделе Панделески.
Цветан Панделески поседува 14,6 проценти како индивидуалец. Потоа со 7 проценти е Канди Инвест во единствена сопственост на бизнисменот Зоран Илоски, иако до пред два месеци удел таму имал и Цветан Панделески. Снежана Георгиева како физичко лице во ЗИК Пелагонија поседува акции од 5,2 проценти. Останатите акционери се непознати и поседуваат акции чии удели се помали од 5 проценти.
ЗИК Пелагонија е една од најпознатите и најголеми земјоделско-индустриски компании во Македонија, со седиште во Битола. Компанијата има долгогодишна традиција во земјоделското производство, сточарството и прехранбената индустрија. Преку обработка на илјадници хектари земјоделско земјиште и современи производствени капацитети, ЗИК Пелагонија има значајна улога во обезбедувањето домашно производство на жито, млеко, месо и други земјоделски производи. Со децении претставува важен стопански фактор за Пелагонискиот регион и за македонската економија.Арифи пред неколку години „ја потресе“ берзата откако со својата компанија купи поголем удел од акционерската структура на АД Пелагонија. АС Сењак има позначајни „пакети“ на акции и во „Европа“ и „Жито Полог“.
А.К.
