СЕ НАЈДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ: Visual Capitalist ја рангира Македонија како една од земјите која забрзано го губи населението
Visual Capitalist ја рангира Македонија на петтото место, како држава која брзо го губи населението. Пред нашата земја се Косово, Сент Мартин, Маршалските Острови и Молдавија.
Лоша е состојбата и во регионот. Албанија се најде на 9-то место, Босна и Херцеговина(БиХ) на 14-то место, Србија е на 16-то место. На оваа листа, Бугарија е на 38-то место, а Грција е на 28-то место.

„Има многу фактори кои придонесуваат за забрзано стареење на населението и сѐ помал број на живородени деца, затоа што последниве години младите најмногу го избираат патот во Западна Европа и преку океанот, гледаат поголема сигурност, побрзо вработување, подобар социјален статус. Наталитетот е многу опаднат, многу малку население останува. Има микро и макро фактори, процесот на глобализација ја има зафатено и Македонија, а од макро факторите, семејството не нуди некој поголема помош, не може да помогне, едвај опстанува, гледаме колкава ни е куповната моќ. Младите од друга страна сакаат подоцна да стапат во брак, сакаат да бидат независни, да се обезбедат, да шетаат, да запознаваат други култури“, вели социологот Јасмина Караниколова.
Во анализата на Visual Capitalist стои дека Источна Европа доживеа високи стапки на емиграција во последните децении поради јазот во платите со Западна Европа, како и интеграцијата во ЕУ (што создава легален пат за мобилност на работната сила).
Инаку, онлајн анкета на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за стремежите на младите и демографската реалност во светот што се спроведе во 2025 година меѓу 108.000 млади на возраст од 18 до 39 години во 73 држави и територии, од кои 13.500 млади од 11 држави и територии во Источна Европа и Централна Азија (Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Северна Македонија, Србија, Украина, Узбекистан и Косово) покажува какви ставови имаат младите во нашата земја. За младите во Македонија според ова истражување најважно е да имаат финансиска сигурност, свој дом, да се здрави, а потоа следи желбата да имаат деца, додека на петто место меѓу приоритетите е желбата да имаат партнер.

Сања Атанасовска
