Се одржа прва работна средба помеѓу Македонија и Бугарија за изградбата на железничкиот тунел
Денеска во Софија се одржа првиот состанок на работната група на Македонија и Бугарија, посветен на подготовка и реализација на изградбата на заедничкиот прекуграничен железнички тунел на Коридор 8.
Претседаваше заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, а од страна на Бугарија, заменик министерката Цвета Тимева Во состав, покрај заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири како ко-претседавач, учествуваат и претставници од Министерството за транспорт, Министерството за надворешни работи, од Министерството за внатрешни работи, од Министерството за одбрана, од Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура како и од Железници Транспорт АД-Скопје
Изградбата на прекуграничниот железнички тунел претставува стратешки проект од регионално значење, проект што железнички ќе ги поврзе двете земји и ќе придонесе за побрз и поефикасен транспорт на стока и патници и можност за зголемување на економска соработка меѓу двете држави.

„На средбата беше постигната согласност за воспоставување јасна динамика на активностите, дефинирање на конкретни обврски на надлежните институции од двете земји, како и за продолжување на заедничките технички подготовки за изградба на прекуграничниот железнички тунел.
Членовите на работната група ги утврдија следните чекори во насока на обезбедување на финансиска поддршка и техничката координација, при што беше потврдена заедничката определба за забрзување на реализација на овој стратешки инфраструктурен проект“, соопштија од владата.
Следниот состанок на заедничката работна група треба да се одржи во Скопје.
