Собранието ги изгласа законите за задолжување кај Светска банка од 25 милиони евра
Собранието вечерва ги усвои измените на Законот за задолжување на државата кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, како и Законот за задолжување по Програмската рамка за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација, двата по скратена постапка.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, образложувајќи го предлог-законот, посочи дека со него се затвора постојана заемска рамка од 20 милиони евра и се отвора нова од 25 милиони евра, со цел подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека ова решение било нудено и од претходната власт, а актуелното мнозинство тогаш упатувало остри критики.Заемот од 25 милиони евра е со рок на отплата од 12 години, со вклучен грејс-период од 3 години и варијабилна каматна стапка заснована на шестмесечен ЕУРИБОР.
