ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Српскиот стартап „Оминимо“ достигна проценка од 1,6 милијарди долари во инвестициска рунда предводена од ЕБОР

Српскиот стартап „Оминимо“ достигна проценка од 1,6 милијарди долари во инвестициска рунда предводена од ЕБОР

Стартапот за автомобилско осигурување „Оминимо иншуренс“ (Ominimo Insurance), кој е основан во Србија а има седиште во Унгарија, објави дека успешно ја затвори инвестициската рунда од Серија Б. Со оваа инвестиција, вредноста на компанијата се проценува на 1,6 милијарди долари (1,4 милијарди евра), а како главен инвеститор се јавува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Преку објава на социјалната мрежа „LinkedIn“, од компанијата информираат дека со новите средства планираат да го забрзаат своето проширување низ Европа, да лансираат нови деловни линии и официјално да влезат на американскиот пазар во 2027 година.

 Брз раст и речиси еден милион клиенти

За нешто повеќе од две години од своето лансирање, „Оминимо“ достигна речиси еден милион клиенти на четири европски пазари, остварувајќи годишни бруто полисирани премии кои надминуваат 350 милиони долари.

Компанијата моментално работи во Унгарија, Полска, Холандија и Шведска. Изминатата година, гигантот „Цирих иншуренс груп“ (Zurich Insurance Group) купи малцински удел во „Оминимо“ при евалуација на компанијата од 200 милиони евра.

 Вештачка интелигенција за прецизна проценка на ризик

„Оминимо“ користи напредна вештачка интелигенција (ВИ) за значително попрецизно проценување на ризикот во споредба со традиционалните осигурителни компании.

Овој успешен стартап беше сооснован во 2024 година од српските претприемачи Душан Комар и Ласло Хорват, заедно со германскиот бизнисмен Денис Вајнбендер.

Фото: Gemini

ad
Слично

Поврзани вести