Студен туш за златото, а има прогноза и за среброто
За прв пат од крајот на 2023 година, аналитичарите ги намалија своите прогнози за цената на златото на годишна основа, по остриот пад на вредноста на овој скапоцен метал од рекордните нивоа достигнати на почетокот на годината.
Сепак, се очекува дека континуираното купување злато од централните банки ќе го ублажи понатамошниот пад на цените, објави Ројтерс.
Според најновото истражување на британската агенција, во кое учествуваа 29 аналитичари и трговци, прогнозата за просечната цена на златото за 2026 година е намалена на 4.509 долари за унца, од претходно очекуваните 4.916 долари.
Во исто време, прогнозата за 2027 година беше намалена на 4.610 долари за унца.
Падот на очекувањата дојде откако цената на златото изгуби околу 22 проценти од рекордното ниво во јануари, под притисок од зголемените инфлаторни очекувања предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, што ја зголеми веројатноста за повисоки каматни стапки во Соединетите Американски Држави(САД).
Повисоките каматни стапки обично ја намалуваат привлечноста на златото, бидејќи тоа не носи камата.И покрај корекцијата на цената, аналитичарите проценуваат дека долгорочните перспективи за златото остануваат поволни благодарение на геополитичките тензии, растот на фискалните ризици и континуираната диверзификација на девизните резерви на централните банки.
Се очекува дека централните банки ќе продолжат да купуваат злато, иако со малку побавно темпо отколку во претходните години, што би требало да обезбеди важна поддршка на пазарот.
Од друга страна, побарувачката за златен накит, особено во Индија и Кина, веројатно ќе остане слаба поради високите цени, додека Индија дополнително ги зголеми увозните давачки за злато од шест на 15 проценти за да ги заштити девизните резерви.
Во исто време, аналитичарите ја намалија просечната прогноза за цената на среброто за 2026 година на 72 долари за унца, наведувајќи дека послабата индустриска активност и забавувањето на побарувачката од секторот за сончева енергија во моментов влијаат врз пазарот.
foto Gemini
