Сушата го уништува земјоделството во земја од која многумина чекаат храна
Земјоделството во Индија е во опасност поради сушите.
Врнежите од дожд во Индија во август се под повеќегодишниот просек, објави во петокот националната метеоролошка служба, предупредувајќи дека послабите монсуни би можеле негативно да влијаат врз приносите на земјоделските култури и економскиот раст во третата најголема економија во Азија. Метеоролозите проценуваат дека количината на врнежи ќе биде помала од 94 проценти од долгорочниот просек.
Монсунските дождови носат околу 70 проценти од годишните врнежи во Индија и се од клучно значење за снабдувањето со вода, особено затоа што речиси половина од обработливото земјиште нема систем за наводнување, додека околу половина од населението ги добива своите приходи од земјоделството. Прогнозата предвидува дека кумулативните врнежи во август и септември ќе бидат под просекот, објавува Ројтерс.
Директорот на Индискиот метеоролошки институт, Мрутјунџај Мохапатра, изјави дека моментално се присутни умерени услови на климатскиот феномен Ел Нињо, кој би можел дополнително да се зајакне во текот на септември. Овој феномен често носи суво време во делови од Азија, а во минатото предизвикувал послаби монсуни, суши, загуби на земјоделски култури и ограничувања на извозот на одредени житарки во Индија.
Иако во јули паднал еден процент повеќе дожд од повеќегодишниот просек, што го намалило дефицитот на врнежи од почетокот на сезоната на монсуни на 12,6 проценти од дури 35,4 проценти на крајот на јуни, експертите предупредуваат дека послабите врнежи во август би можеле да го загрозат развојот на новозасеаните култури. Јулските дождови им овозможија на земјоделците да го надоместат доцнењето со сеидбата на почетокот на сезоната.
Податоците од Министерството за земјоделство покажуваат дека на крајот на јуни, површините под летни култури биле речиси за една четвртина помали отколку претходната година, но благодарение на пообилните врнежи од дожд во текот на јули, овој дефицит е намален на помалку од пет проценти. Сепак, понатамошниот тек на монсуните се смета за клучен за земјоделското производство оваа година и целокупните економски трендови во земјата.
