Сушата ја погоди и Германија: Изгубени се околу три милиони тони жито
Продолжената суша во големи делови од Германија ја оштети жетвата, предупреди здружението на трговци и прехранбени компании, проценувајќи дека од средината на јуни се изгубени околу три милиони тони жито и репка.
Послабата жетва ги „истенчи“ приходите на секторот за околу 600 милиони евра, предупреди во четврток Рајфајзенвербанд, кој ги обединува 1.600 здруженија и компании од секторот за земјоделска трговија и преработка.
Жетвата на жито ќе достигне 40,6 милиони тони оваа година, проценуваат тие. Во 2025 година беа собрани 45 милиони тони.
„Поволните временски услови во текот на пролетта спречија уште поголеми загуби“, рече Гвидо Сидлер од Рајфајзенвербанд, па затоа овогодишната жетва е генерално задоволителна, но под просекот.
Послабите резултати на крајот од сезоната „се тежок удар за земјоделскиот сектор, кој веќе се соочува со нагло зголемување на трошоците“, нагласи Сидлер.
Подпросечната жетва не би требало да има значително влијание врз цените на лебот во Германија, забележува тој, додавајќи дека потрошувачите се повеќе погодени од трошоците за енергија и работна сила и од државните даноци.
Секторот сè уште е загрижен за проблемите предизвикани од ниското ниво на водата на некои реки, бидејќи житарките се транспортираат и преку внатрешни водни патишта.
Сигурната логистика е клучна за функционирањето на секторот, нагласува Рајфајзенвербанд, додавајќи дека благодарение на доволниот капацитет за складирање, не очекуваат големи проблеми со прифаќањето на житарките.
Проблеми би можеле да се појават во дистрибуцијата, снабдувањето со храна за животни и транспортот на ѓубрива, велат тие.
Фото: Принтскрин/Икс
