ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трошокот за боледување достигна 27,6 милиони евра, секоја година се зголемува се повеќе

Трошокот за боледување достигна 27,6 милиони евра, секоја година се зголемува се повеќе

Во текот на минатата година од Фондот за здравствено осигурување за исплата на боледување биле потрошени вкупно 27,6 милиони евра, покажува извештајот на ФЗО за 2025. Сумите растат се повеќе од година в година. Во 2024 се потрошиле 22,6 милиони евра, а во 2023 за исплата на боледувања трошокот изнесувал 19 милиони евра.

  • Министерот за здравство Сашо Клековски пред една недела рече дека во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 отсто во споредба со 2021 година, која беше година со значителен број боледувања поради ковид-пандемијата. 

    Во однос на долгите боледувања, министерот рече дека нивниот број останува релативно стабилен – околу 25 000 годишно, но значително се зголемени средствата што се исплаќаат за нив.

    - Исплатениот износ е повеќекратно зголемен и тоа беше сигнал дека е потребно да отвориме дискусија од повеќе страни. Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година и по 14 години е потребно да се разгледаат, рече Клековски. При тоа додаде дека е потребно зголемување на контролите во областите каде што постои ризик од злоупотреби, како и намалување на бирократијата.

  • „Во 2025 година зголемен е износот што од страна на ФЗОРСМ е исплатен за оваа намена. Расходите за боледувања во 2025 година бележат зголемување од 22,9 отсто или за околу 318,7 милиони денари“, објавено е во извештајот на Фондот.

    Во 2025 година дадени се вкупно 24.545 права за боледувања кои, според законските одредби, се на товар на ФЗО и во однос на 2024 година се зголемени за 4,5 проценти. 

    „Гледано по категории зголемување се забележува кај сите видови на боледувања и тоа најголемо зголемување има кај категоријата боледувањата поради заболувања и тоа за 4,8%, нега на член има зголемување од 3,8%, додека кај категоријата професионалните заболувања и повредите на работа се зголемени за 2,2%“, гласи коментарот во документот.

    Боледувањата поради заболување се зголемиле за една година од 17.262 на 18.095. Вкупниот број на боледувања споредбено се зголемиле од 23.482 на 24.545.

    „На ниво на држава, на секои 1.000 вработени осигуреници, 41 осигуреник користеле право на боледување на товар на ФЗОРСМ, што во споредба со 2024 година кога коефициентот изнесувал 40 претставува намалување за 1 поен“, објавено е во извештајот.

    А.К.

    ad
    Слично

    Поврзани вести