ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата му одобри уште едно задолжување на „Државни патишта“ за автопатите, од две домашни банки ќе се земат 40 милиони евра

Владата му одобри уште едно задолжување на „Државни патишта“ за автопатите, од две домашни банки ќе се земат 40 милиони евра

Владата со издадена државна гаранција на седница на 4 август му одобри на јавното претпријатие „Државни патишта“ да се задолжи уште 40 милиони ерва кај Комерцијална банка и кај Халк банка преку синдициран кредит.

Овој пат целта на задолжувањето не е јасно дефинирана, а во одлуката пишува само „финансирање преземени обврски и рефинансирање на долгови“. За два месеци ова е трето големо задолжување на „Државни патишта“ кај домашните деловни банки. Парите треба да се повлечат од двете банки до крајот на годината.

Претходните задолжувања беа појасно дефинирани - на 3 јуни беше одобрено задолжување на „Државни патишта“ од 140 милиони евра кај Комерцијална банка, Халк банка, НЛБ банка и Стопанска банка за автопатите од проектот Коридор 8 и Коридор 10Д кој ги изведува „Бехтел и Енка“, додека еден ден потоа кај истите домашни банки следуваше дозвола за земање кредит од 176 милиони евра за финансирање на изградбата на автопатот Кичево - Охрид.. Инаку за прв пат за овие два проекти ЈПДП се задолжи кај домашни комерцијални банки - досега финансирањето за автопатите на „Бехтел и Енка“ одеше со средства директно преку државниот буџет, а Кичево - Охрид го кредитираше кинеската Ексим банка.

„Со оваа одлука Владата издава државна гаранција со која го гарантира навременото и целосно исполнување на вкупните обврски на Јавното претпријатие за државни патишта кон Комерцијална банка АД Скопје и Халк банка АД Скопје по основ на главен долг и камата по основ на одобрениот кредит кои произлегуваат од Договорот за синдициран кредит наменет за обезбедување на финансиски средства за финансирање на преземени обврски и рефинансирање на долговите настанати по основ на задолжување за финансирање на капитални проекти и инвестиции, во износ од 2.460.000.000 (две милијарди четиристотини и шеесет милиони) денари, со рок на отплата 8 (осум) години од датумот на склучување на договорот за кредит, во кој е вклучен грејс-период од 3 (три) години од датумот на склучување на договорот за кредит, краен рок на користење на кредитот e до 31.12.2026 година, договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,55 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 4,20% годишно, доколку Јавното претпријатие за државни патишта не ги исполнува и сервисира обврските од Договорот“, пишува во одлуката.

Пред две недели власта призна дека на „Државни патишта“ за прв пат ќе и бидат потребни и позајмици од подобростоечки претпријатија за да продолжи изградбата на автопатите. Потврдено беше дека позајмици ќе даваат Македонски навигации (М-НАВ), МЕПСО и АД Државна лотарија, но вкупната сума остана непозната.

– Не се само од МНАВ, таму имаме средства и од Лотарија, МЕПСО и сопствени средства на ЈПДП. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите и истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите – рече тогаш премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарко прашање.

А.К.

ad
Слично

Поврзани вести