Четиригодишно дете се удави во базен во Грција
Четиригодишно момче почина откако се удавило во базен во туристички комплекс на грчкиот остров Парос. Трагедијата се случила во саботата попладне, а грчката полиција веднаш започнала истрага за околностите што довеле до смртта на детето.
Во рамки на истрагата биле приведени родителите на момчето и сопственикот на објектот. Според грчките медиуми, сопственикот бил пријавен и како спасител задолжен за базенот, поради што истражителите проверуваат дали во моментот на несреќата се наоѓал на своето работно место.
Првичните информации покажуваат дека детето било забележано во водата од гости во комплексот. Тие го повикале персоналот, по што еден од вработените го извадил момчето од базенот и започнал со реанимација.
Детето било пренесено во здравствена установа на островот, каде медицинските екипи продолжиле со обидите да го спасат, но лекарите не успеале да го вратат во живот.
Родителите подоцна биле ослободени од притвор, додека сопственикот треба да биде изведен пред надлежниот обвинител во Сирос.
Истрагата продолжува, а грчките власти треба да утврдат кој бил одговорен за надзорот на базенот и дали биле почитувани сите прописи за безбедност.
