ИМА НАЈАВА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НА СПОМЕНИК „МАЈКА МАКЕДОНИЈА“ ВО НОВИ САД: Грците и Бугарите се побунија
Споменикот „Мајка Македонија“ кој треба да се постави во Нови Сад предизвика реакции од Грција и од Бугарија.
Иницијативата за подигнување споменик „Мајка Македонија“ во Нови Сад предизвика реакции во Србија, Грција и Бугарија. Предлогот го поднесе Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија по повод 80-годишнината од доселувањето на Македонци во Војводина, јавува „Данас“.
Станува збор за бронзена скулптура висока околу два метри, која би прикажувала жена во традиционална македонска носија со две деца – едното свртено кон Србија, а другото кон Македонија. Автор на проектот е скулпторот Синиша Новески. Советот за култура и информирање на Собранието на Нови Сад побара дополнително мислење од ЈП „Урбанизам“ и Заводот за заштита на спомениците на културата.
Предлогот наиде на остри реакции од Граѓанската партија на Грците во Србија, која побара властите во Нови Сад да ја отфрлат иницијативата. Од партијата оценија дека споменикот би претставувал „длабоко непочитување кон грчкиот народ и држава“, а особено спорен го сметаат називот „Мајка Македонија“. Според нив, станува збор за историски и географски ревизионизам и присвојување на име кое го поврзуваат со грчкото историско наследство.
Реакции има и во Бугарија, каде што иницијативата се толкува како дел од поширокото српско влијание на Балканот, пишува „Актуелно“. Во бугарските реакции се посочува дека традиционалната носија претставена на скулптурата е поврзана со фолклорното наследство на историско-географската област Македонија, поради што споменикот се оценува како провокација кон бугарската историска меморија.
Особено внимание предизвикува симболиката на двете деца – едното свртено кон Србија, а другото кон Северна Македонија. Во бугарските оценки ова се толкува како порака за српското влијание во Северна Македонија и како дел од концептот за т.н. „Српски свет“.
Македонскиот национален совет соопшти дека иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад не носи никакви политички, територијални или меѓународни конотации, известува порталот 021 од Нови Сад.
фото Википедија/ГП
