(ВИДЕО)Се судрија два противпожарни хеликоптери во Грција, загинаа двајца членови на екипажот
Двајца членови на екипажот загинаа при судир на два противпожарни хеликоптери во областа Псата, западно од Атина, додека учествувале во гаснењето на голем шумски пожар.
Несреќата се случила во неделата, на 2 август. Во хеликоптерот што се урнал се наоѓале дански пилот и грчки координатор за врска со противпожарните служби. Тие биле пренесени без знаци на живот во воената болница во Атина, каде што била потврдена нивната смрт.
Во вториот хеликоптер се наоѓале британски пилот и грчки координатор. Двајцата преживеале и се здобиле со полесни повреди.
Двата хеликоптери од типот „Бел“ биле изнајмени од грчката противпожарна служба и полетале од воениот аеродром во Елефсина. Секое од леталата имало по двајца членови на екипажот.
На видеоснимка објавена на социјалните мрежи се гледа како хеликоптерите се приближуваат еден до друг при лет на мала височина, по што едното летало се урива во пламен. Грчките власти почнаа истрага за причините за судирот, а меѓу можните фактори се разгледуваат силниот ветер и човечка грешка.
