ДРАМАТИЧЕН ПАД НА ДОБИВКАТА НА „РАДЕ КОНЧАР“ – голем пресврт во споредба со претходните години
Пресврт во работењето на Акционерското друштво Раде Кончар – Апаратна техника АД Скопје од почетокот на годината. За разлика од лани, оваа година компанијата се соочува со сериозни финансиски предизвици и драстичен пад во своето работење.
Имено извештајот за консолидираните финансиски резултати објавен на Македонска берза за првите шест месеци од годинава покажува дека вкупните остварени приходи на компанијата изнесуваат скромни 19.901.493 денари, односно околу 323.000 евра, што претставува драстично намалување на деловната активност и јасен показател за стеснетите приходи од издавање имот и дивиденди.
Објавените бројки покажуваат уште поголем пад кај остварената добивка. Од почетокот на годината компанијата направила нето добивка од само 134 илјади евра.
- Акционерското друштво заедно со подружницата ДОО Раде Кончар Заеднички дејности според консолидираните финансиски извештаи во периодот од 01.01-30.06.2026 година оствари нето добивка од 8.259.217 денари – се наведува во извештајот доставен на берза.
За споредба во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година компанијата оствари нето добивка од 32.102.266 денари, односно околу 522.000 евра. Дури и тогаш имаа пад во споредба со 2024 година кога добивката достигнала до 548.000 евра.
Податоците кои ги објави компанијата покажуваат дека во првите шест месеци од годината, вкупните расходи изнесувале 10.859.276 денари, односно околу 176,6 илјади евра, што и покрај забележаното намалување на трошоците за триесет и шест проценти во однос на минатата година.
Дополнителен товар врз финансиската стабилност претставува и кредитната задолженост на подружницата за заеднички дејности, чие преостанато салдо за отплата на крајот од јуни годинава изнесува 2.849.400 денари.
Во првата половина од годинава не е извршена исплата на дивиденда, иако е донесена одлука за бруто износ од 130 денари по акција, односно околу два евра и единаесет центи по акција, чија реализација допрва се очекува.
Раководството на компанијата најавува дека во следниот период ќе се бори за одржување на ликвидноста и за подобрување на резултатите преку финансиски приходи од инвестиции во хартии од вредност.
П.О.
