ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Витаминка со приходи од 35,4 милиони евра и добивка од 805 илјади евра во првото полугодие, инвестициите достигнаа 1,08 милиони евра

Витаминка со приходи од 35,4 милиони евра и добивка од 805 илјади евра во првото полугодие, инвестициите достигнаа 1,08 милиони евра

Прилепската компанија „Витаминка“ АД Прилеп во првите шест месеци од 2026 година оствари позитивни финансиски резултати, и покрај зголемените трошоци за суровини, енергенси и логистика. Според консолидираниот финансиски извештај, компанијата во периодот јануари – јуни 2026 година остварила вкупни приходи од 2,177 милијарди денари, односно околу 35,4 милиони евра, што претставува раст од 11 отсто во однос на истиот период минатата година.

Најголем дел од приходите, околу 99 отсто, произлегуваат од продажбата на производи, стоки и услуги од основната дејност. Растот на приходите се должи на зголемената продажба на одредени производни категории, проширувањето и задржувањето на извозните пазари, подобрената дистрибутивна мрежа и стабилизирањето на побарувачката.

И покрај растот на приходите, компанијата не го достигнала целосно планираното ниво на реализација. Остварените приходи се 79 отсто од планираните 2,743 милијарди денари (околу 44,6 милиони евра). Од „Витаминка“ објаснуваат дека причините се поврзани со растот на цените на одредени репроматеријали, особено амбалажата и енергенсите, како и со одлуката компанијата да не ги зголемува продажните цени со цел зачувување на конкурентноста и пазарниот удел.

Во првото полугодие од 2026 година консолидираните расходи достигнале 2,128 милијарди денари или околу 34,6 милиони евра, што е зголемување од 15 отсто во однос на истиот период минатата година. Растот на расходите е последица на поголемиот обем на производство и продажба, поскапите суровини, транспортот и трошоците поврзани со пуштање во употреба на нови производствени капацитети.

Сепак, компанијата успеала да задржи позитивен резултат и периодот го завршила со добивка по оданочување од 49,5 милиони денари, односно околу 805 илјади евра. 

- Во извештајниот период Друштвото и неговите поврзани лица остварија консолидирана добивка по оданочување во износ од 49.529 илјади денари, што претставува раст од 2% во однос на истиот период од 2025 година. Позитивниот финансиски резултат е постигнат и покрај растот на производните трошоци, што укажува на успешно управување со оперативните активности, финансиските ресурси и пазарните ризици - се посочува во извештајот објавен на Македонска берза. 

„Витаминка“ продолжува со инвестицискиот циклус. Во првите шест месеци од годината реализирани се вложувања во основни средства во износ од 66,8 милиони денари или околу 1,08 милиони евра. Инвестициите се насочени кон нова производна опрема, проширување на капацитетите, автоматски линии за пакување, изградба на нова лабораторија, енергетска ефикасност и зелени проекти.

Компанијата во истиот период го зголемила кредитното задолжување. Вкупните обврски по долгорочни и краткорочни кредити на 30 јуни 2026 година изнесуваат 1,785 милијарди денари или околу 29 милиони евра, што е раст од 7 отсто во однос на крајот на 2025 година. Дополнителното задолжување, според извештајот, е поврзано со финансирањето на инвестициите и обезбедувањето дополнителен обртен капитал.

Бројот на вработени во првото полугодие е намален за 15 лица, што компанијата го поврзува со организациска оптимизација, автоматизација на дел од производствените процеси и сезонската динамика на производството.

Во вториот дел од 2026 година, „Витаминка“ очекува стабилно работење и продолжување на развојните активности, со фокус на зголемување на извозот, подобро искористување на новите производни капацитети, развој на нови производи и оптимизација на трошоците. Особено внимание ќе биде посветено на движењето на цените на клучните суровини, меѓу кои какаото и сончогледовото масло, како и на енергетските трошоци.


ad
Слично

Поврзани вести