АХВ изрече казна од 550 евра за напуштање легло со мачиња во Скопје
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја изрече првата глоба за напуштање легло со мачиња во Скопје, откако граѓанин го пријавил случајот.
Инспекциската контрола е спроведена по информација добиена од ЈП „Лајка“, поддржана со видеоснимки и фотографии од настанот во парк во близина на скопски трговски центар.
„Врз основа на известување кое ЈП Лајка го добило од граѓанин (поткрепено со видео снимки и фотографии) за напуштање легло со мали мачиња од страна на физичко лице во парк во близина на трговски центар во Скопје, официјален ветеринар на АХВ вчера спроведе вонредна инспекциска контрола. Контролата е спроведена по обезбедена потврда од Министерството за внатрешни работи (МВР) за идентитетот на лицето и регистарските таблички на возилото со кое биле превезувани мачињата. За прекршок по член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство, на сторителот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност“, информира АХВ за МИА.
Случајот предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните и активистите за заштита на животните ја поздравија реакцијата на надлежните институции.
Напуштањето животни граѓаните може да го пријават на бесплатниот телефонски број 0800 3 2222 или преку е-пошта на info@fva.gov.mk.
foto freepik.com/jcomp
