Борче Стаменов „Донирај компјутер“; Прва економија во Европа, а ќе имаме 3.900 првачиња помалку
Борче Стаменов, херојот од „Донирај компјутер“, се огласи со критика кон функционерите, при тоа осврнувајќи се на најавата дека следната учебна сезона ќе има 3.900 првачиња помалку, во контекст на коментарите дека сме „прва економија во Европа“.
- Кога ние почнавме со донациите, според информации на МОН, имаше нешто над 4000 семејства кои немаа ИТ уред. Денес читаме дека годинава ќе започне со минус 3900 првачиња. Ние нашето “ветување” (у наводнници оти ништо не ветивме) го исполнивме. Денес речиси и да не ни остана семејство на список, има ама ретко. Сега главна цел ни е опремување на училишта. И тие што ќе се пријават кога-тогаш ќе добијат опрема. Знаеш, да ги задржиме барем тие што останаа тука.
Повторно, никому ништо не му ветуваме, не трошиме државни пари и не трчаме по државата на секоја донација да сечеме црвени ленти. А за оваа фрапантна бројка која само ќе расте, запрашајте се кој во последните триесетина години со свои погрешни политики е виновен. Оти ја од кога следам политика, ние сме прва економија во Европа, светот, планетата Земја, млечниот пат, познатиот универзум а богами и непознатиот и со подобри плати од барем 7 европски држави и според нашите функционери сркаме дома чорба со златни лажици, гласи статусот на Стаменов.
