Демант на „ЦЕАЦОН“: Немаме партнер кој е на „црната листа“ на САД
Тетовската градежна компанија ЦЕАЦОН, која е избрана од Акционерското друштво за стопанисување и управување со станбен и со деловен простор за изградба на комерцијална зграда за продажба на станови во Охрид, демантира дека е во партнерски односи со физичко лице кое е на „црната листа“ на САД:
Правниот застапник на ЦЕАЦОН тврди дека лицето Нури Беџети, кое се наоѓа на листата на санкции и ограничувања на САД, не е истото лице со кое оваа компанија е во партнерски односи како заеднички ко-сопственици на друга фирма. Реакцијата следува по денешната објавата на „Фактор“ со наслов „Државата ќе гради комерцијални станови во Охрид, склучен договор со тетовска компанија со косопственик на црната листа на САД“, кој што во меѓувреме е променет.
„Во објавата давате констатации во кои ги наведувате следните невистини за нашиот властодавец: Во насловот на објавата наведувате: „Државата ќе гради комерцијални станови во Охрид, склучен договор со тетовска компанија со косопственик на црната листа на САД“. Понатаму во текстот на објавата ги наведувате и следните невистини: „Дополнително внимание привлекува и избраниот изведувач. Според јавно достапните деловни податоци, ЦЕАЦОН има 35 проценти сопственички удел во „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ од Тетово, каде што Нури Беџети е управител и сопственик на 59 проценти. Таа сопственичка структура е заведена од септември 2023 година. Беџети е име што се наоѓа на американската санкциска листа во рамките на санкциите поврзани со Западен Балкан.“
Насловот на објавата (како ударна информација допира до секој читател а свесни сме за неспорното влијание кое ФАКТОР како познат електронски медиум во РСМ) содржи невистинито тврдење за сопственичката структура на ЦЕАЦОН, а понатаму алудира и на негова поврзаност со друго правно лице, во чија сопственичка структура-како содружник се појавува физичко лице кое се наоѓа на санкциската листа на Соединетите Американски Држави. Овој заклучок е неточен и сериозно штетен за деловниот углед на нашиот властодавец. Единствен содружник, краен сопственик и управител на ЦЕАЦОН е лицето КАЛТРИНА ШЕРИФИ. Ова лице не е евидентирано на санкциската листа на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) на која се повикува објавата. Оттука, тврдењето содржано во насловот и во текстот дека договорот е склучен со „компанија со косопственик на црната листа на САД“ е невистинито и во својата буквална содржина и според целокупниот впечаток што го создава за ЦЕАЦОН.
Исто така, неспорно е дека ЦЕАЦОН има 35% удел во посебното правно лице „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ ДОО Тетово и дека физичкото лице Нури Беџети има 59% удел во тоа друштво. Меѓутоа, Нури Беџети кој е содружник и управител во „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ не е лицето Nuri BEXHETI евидентирано на санкциската листа на OFAC. Во објавата овие две различни физички лица се погрешно поистоветени само поради совпаѓање на името и презимето. Овој факт претставува дополнителна и самостојна потврда дека тврдењето во објавата е невистинито: не само што Нури Беџети не е содружник или сопственик на ЦЕАЦОН, туку и обидот ЦЕАЦОН посредно да се поврзе со санкционирано лице преку „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ се заснова на погрешно утврден идентитет.
Со истакнувањето на санкцискиот статус во самиот наслов и со погрешното поистоветување во текстот, кај јавноста се создава впечаток дека ЦЕАЦОН и договорот за јавна набавка се сопственички или деловно поврзани со санкционирано лице. На тој начин неосновано се доведуваат во прашање интегритетот на ЦЕАЦОН и законитоста на склучениот договор. Непосредно оштетениот субјект што со ова барање бара заштита на својот деловен углед е ЦЕАЦОН, додека податоците за „АНИ-ЕНЕРГЕТИК“ служат како дополнителен доказ за невистинитоста на објавеното тврдење.
Неспорно е дека јавноста има право да биде информирана за постапките за јавни набавки и за сопственичките структури на деловните субјекти. Меѓутоа, јавниот интерес не го оправдува поистоветувањето на различни физички лица само поради исто име, ниту објавувањето проверливо неточни факти“, гласи демантот на ЦЕАЦОН.
„Фактор“ упатува извинување до правното лице , како и до својата читателска публика, поради ненамерната грешка.
