Дива сеча, масовни шумски пожари, преквалификација – Какви се македонските шуми по 35 години?
Дали во 35 години независност правилно се грижевме за македонските шуми и дали ова наше природно богатство е извор на нелегални активности, манипулации со годишни извештаи, непрецизни и необновени статистички показатели и недостиг на грижа за шумскиот фонд, особено во годините кога не се спроведуваат масовни акции на пошумување.
Според најблиску до точните податоци, во 1992 година биле забележани 921,110 ха површина под шума во Македонија. Национален ресурс кој потоа во следните 35 години целосно независно ќе го управуваме, за во 2025 година вкупната површина под шуми да достигне 1.081.760 ха.
Во периодот од 2023 до 2025 година, шумската површина се зголемила за 73.219 хектари, од кои дури 54.495 хектари се евидентирани само во 2025 година. Тоа претставува зголемување од 5,3 отсто за само една година.
Инаку во пресметката на шумите може да влезат и обраснатите голини, нискостеблестите деградирани шуми и земјоделските површини кои подолг период не се обработуваат (природна сукцесија) според новите стандарди кои ги дозволуваат статистичките записи, како и на институции како ФАО.
Но, дали навистина шумскиот фонд се зголемил за дури 160.650 ха до денес или неверојатни 17,4% и покрај бројните шумски пожари кои зафатија огромни површини, како и експлоатацијата на шумите со легална сеча која изнесува меѓу 700 и 1 милион метри кубни годишно, додека според проценките на ФАО дивата сеча има удел од околу 25 до 30 отсто годишно, од кои речиси половината се однесуваат на нелегална сеча на огревно дрво.
„Интересно“ е што според бројките на македонските надлежни институции, откриената или регистрираната дива сеча или регистрирана бесправна сеча, во која спаѓа и евидентирана штета, изнесува околу 3 отсто годишно (слободна проценка), што значи дека огромен криминал и натаму е непроцесиран.
Слободните проценки се дека на диво се исечени десетици милиони кубици дрво. Само пазарната вредност на оваа количина, пресметана со цените во годините кога дрвото било исечено, се мери во стотици милиони евра. Ако се пресмета и пошироката штета врз шумскиот фонд, загубата е значително поголема. Вкупната штета врз економијата и јавните средства се проценуваат на над 750 милиони евра.
Дивата сеча не секогаш директно се рефлектира во статистичката категорија „површина под шума“, бидејќи и натаму одреден простор може да се евидентира како шума и покрај сечата, доколку се планира истиот да се обнови, преку соодветни активности. Исто така и волуменот на исечени дрва не се рефлектира директно на севкупната површина под шума.
Квалитетните густи шуми драстично опаѓаат по 2016 година поради зачестените суши, пожари и сеча.
Затоа треба да се земе в предвид извештајот на МЖСПП од 2024 година според кој „во 2023 година вкупната површина под шума била намалена за 15% во однос на 1990, а во однос на 2021 била намалена за 4%“. Во истиот документ се наведува и дека шумското земјиште по 2016 година опаѓа, што според МЖСПП најверојатно се должи првенствено на пожари и бесправна сеча.
Проценките се дека во период од 35 години изгореле околу 300 илјади ха површина на шума, а најтешки години кога пламените јазици ги зафатија македонските шуми се 2000, 2007, 2012, 2017 и 2024 година.
Активностите на пошумување бележат рекорди во периодот 1991 до 1999 година кога во просек годишно биле засадени околу 3.000 ха шума, повторно бележат скок во периодот 2008-2011 година исто така со просек од околу 3.000 ха засадена шума, за периодот од 2020 до 2024 просекот да се спушти на само 500 ха.
Освен дивата сеча и шумските пожари, голема закана за македонските шуми се и останатите човечки фактори, како загадување што го намалува квалитетот на шумскиот фонд, но и урбанизацијата која исто така ја намалува вкупната површина на шуми, нашиот извор на кислород и чист воздух.
Уништувањето на шумите во источниот и централниот дел од државата директно придонесува за ерозија при поројни дождови.
За ефикасна заштита и долгорочно зачувување на македонските шуми потребен е сеопфатен пристап што ќе ги обедини обновувањето на шумскиот фонд, превенцијата од ризици и посилната институционална контрола. Тоа значи систематско пошумување на голините и ерозивните подрачја, обновување на опожарените и деградираните шуми, како и континуирана грижа со доследна примена на законите, поефикасни инспекциски контроли и сериозен институционален одговор на нелегалната сеча и другите активности што го загрозуваат шумскиот фонд.
Х.С.
