Кој машиновозач ќе не однесе во ЕУ - Дали Мицкоски ќе го придвижи возот
Премиерот Мицкоски на темата евроинтеграции доволно е да не додава ништо ново и мирно да го истера мандатот, со голема веројатност повторно да добие доверба од граѓаните поради недостигот на слух од Брисел за чувствителноста на процесот со кој повторно се бараат национални отстапки од Македонија, без притоа да се понудат било какви дополнителни гаранции дека понатаму нема да бидат испорачани нови и недостоинствени барања. Но, премиерот често знае сам да се изгуби во неговите метафори, обично кога со вербално верглање сака да избегне директен одговор на новинарско прашање.
Метафората со има воз, нема воз, има и е само вагон, ама тој е наш, возот е тука на перон, ама не вози, тргна ама ние го клатиме, застанат е ама други ни го клатат за да ни личи дека се движиме, е непотребен автогол на Мицкоски и први знаци дека сегашната стратегија за европските интеграции е можеби на погрешна станица.
Сосема непотребна каша попара од комуникациски пораки, дадени како одговор на прашање во поткаст дали Македонија има реални шанси да фати приклучок на можното ново, по речиси 15 години, проширување на Европската Унија.
Досегашната позиција на македонската Влада беше јасна - без јасни индиции дека ќе добиеме полноправно членство во Европската Унија нема причина да ја спроведуваме обврската за уставни измени по бугарски диктат и понатамошни компромиси по прашање на националната историја, јазик, култура и идентитет.
Уставните измени како уште еден прескап билет за ЕУ
ЕУ сака да го придвижи процесот на проширување но, не од некаква обврска кон земјите од Западен Балкан каде повеќе од две децении се обидува да се наметне како единствена алтернатива за геополитичките односи, туку повеќе од потребата за покритие додека ги придвижува членствата на Украина и Молдавија како ранливи земји од руската закана и со план да изврши дополнителен пристисок за крај на војната на Путин преку европско единство.
Во таква констелација земјите од Западен Балкан меѓу кои и Македонија би добиле статус на придружна земја членка, односно пристап до повеќе европски бенефиции, но без право на глас и вето при носење на заедничките одлуки.
Токму затоа премиерот кога вели дека „нема воз“ всушност мисли на позициите на Брисел каде сѐ уште не постои консензус за проширување на ЕУ надвор од технократските изјави на Урсула Фон дер Лајен, Антонио Кошта, Каја Калас и Марта Кос.
Едно се ставовите на еврокомесарите кои имаат технички мандат, но сосема друго се ставовите во Европскиот Совет каде решаваат шефовите на влади и држави на земјите членки на ЕУ.
Пимплањето на премиерот со одвишок метафори може да биде знак, дека можеби сепак постои некакво придвижување во Европската Унија кога е во прашање пристапувањето на земјите од регионот, меѓу кои фаворити се Албанија и Црна Гора.
Но, решение мора да се постигне, бидејќи повеќегодишното заглавување на иста позиција не води кон дипломатски поместувања, ниту засега резултати во Брисел каде очигледно фокусот е поместен на источните земји, наместо на одново посветување време и ресурси во медијација меѓу Македонија и Бугарија.
Усвоената преговарачка рамка е единствен европски став донесен со консензус и официјална Софија под никакви услови нема да се откаже од веќе издвојувана победа во европските институции. Затоа се поставува легитимното прашање - дали власта има купено билет за точната дестинација и дали чека на вистинскиот перон.
Секој исчекор на Брисел, без оглед дали ќе биде за полноправно или придружно членство ќе подразбира усвојување на уставните измени - прашање е само дали ќе се изнајде форма за македонското барање за дополнителни гаранции кои ќе го заштитат македонскиот идентитет и национално достоинство.
Тоа се единствените прашања на кои Мицкоски треба да даде директен, јасен и недвосмислен одговор, ослободен од непотребни метафори и вербални и политички досетки.
Х.С.
