НАТО и ЕУ не се пречка за поблиски односи со Кина, но дали македонските политичари имаат таква умешност
Македонската политика со години беше затворена за „хоризонтите на исток“, строго повторувајќи ја мантрата дека било какви односи со Кина и други светски сили значи антизападно поведение кое стратешки скапо ќе ја чини земјата. Новата власт „срамежливо“ прави чекори за враќање на односите, пред се за навремена изградба на автопатите финансирани преку кинески кредити, но далеку од посети на највисоко државно ниво. Во меѓувреме и западните земји сфатија дека одредени мантри повеќе не важат и дека треба да развијат покомплексни односи со Кина, отколку само како кон земја „ривал“. Од друга страна пак, меката моќ на Кина успешно се шири и во Македонија, дури и ако перцепцијата не секогаш соодветствува на состојбите на терен. Македонија има целосен трговски дисбаланс со Кина, а не е примател ниту на директни кинески инвестиции. Но, дали станува збор за погрешна проценка на македонските влади или пак, недоволен интерес од кинеска страна за поголема соработка во Македонија.
„Членството во НАТО и стратешката определба за членство во ЕУ не треба да претставуваат пречка за поблиски односи со Кина, особено по примерот на земји од Западот, како и самата Европска Унија кои развиваат сѐ подобри односи и економска соработка со Кина“, смета Дарко Тодоровски докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, кој живее и работи во Русија, а неодмна беше во работна посета на Кина.
Како може да се оценат односите на економско и политичко ниво со Кина во изминатиот период, откако настапи своевидно дистанцирање од претходната власт. Иако Кина не е во главниот фокус на македонската надворешна политика, каде доминираат темите од евроатлантските интеграции, сепак тие односи не смее да се потценат со оглед на влијанието на Кина преку трговијата, технологијата, и секако преку „меката“ моќ, која пак е највидлива во академската соработка, медиумското известување и културната размена?
Тодоровски: Историскимакедонско-кинеските односи се исполнети со подеми и падови, и моментално и покрај затоплувањето на односите, истите не се на посакуваното ниво. Реално е да се каже дека за падовите се виновни македонските влади во минатото, како авантурата со признавањето на Тајван во 1999 година која Македонија скапо ја чинеше, како и неофицијалните односи со Тајван во периодот после 2017 година. Македонија во периодот од 2017 до 2024 година немаше свој амбасадор во Пекинг, тукув.д. амбасадор, а тоа многу зборува. Но, после 2024 година односите значително се подобрени. Постои огромен потенцијал за развој на македонско-кинеските односи на сите полиња, дипломатско, економско, културно и на образовно ниво. За поздравување е што се поголем број Македонци ја посетуваат Кина во туристички и бизнис патувања, но и голем број Македонци земаат учество во големиот број семинари, конференции, обуки кои ги организира Кина.
За време на мојата работна посета на Кина во март годинава, во разговор со еден реномиран професор во Пекинг, за односите помеѓу Кина и Македонија, и Кина и Балканот, тој ми рече„Иако сме разделени со океани и планини, и покрај разликата во големината, јазиците и културите на нашите земји, сите ние сме добри пријатели и партнери, како браќа и сестри во глобалното семејство на земји во развој. Нас не поврзуваат и заедничка историја и соработка помеѓу НР Кина и Југославија“. Во Кина со почит се однесуваат кон Југославија, и многу Кинези велат дека Кина многу научила од Југославија. Денес ние можеме многу да научиме од Кина.
Исто така припрестојот во Пекинг го посетив и Централниот центар за подароци и артефакти во Пекинг каде што се изложени официјални државни подароци од други држави на Кина. Бев горд кога видов дека Златна маска, од крајот на 6-ти, почетокот на 5-ти век п.н.е., Требениште, Охрид, е подарена на претседателот Џијанг Цемин од страна на македонскиот претседател Борис Трајковски за време на неговата историска посета на Кина во април 2002 година, после возобновувањето на односите со Кина во 2001 година. За време на оваа посета, шефовите на државите потпишале заедничка изјава за „зајакнување на пријателските односи и соработката меѓу нивните земји." Но, и покрај оваа изјава, односите помеѓу двете земји во периодот потоа, за жал не го достигнаа нивото на развој којшто беше планиран.

Неодамна се формираше нова македонско-кинеска стопанска комора, и беше остварена државна посета на Пекинг од член на македонската влада по подолга пауза во билатералните средби од таков вид. Дали тоа се некакви знаци за промена во односите со Кина?
Тодоровски: Формирањето на Македонско-кинеска стопанска комора е за поздравување, но истата требаше да се формира одамна. Комората треба да биде катализатор за зголемување на трговската размена и за нови економски проекти, кои ќе доведат до зголемување на извозот на стоки и услуги од Македонија во Кина за да се намали трговскиот дефицит со Кина. Во 2025 година Кина беше трет трговски партнерина Македонија, но има огромен дисбаланс помеѓу увозот и извозот. Македонија може да учи од Србија кога е во прашања економската соработка со Кина. Српскиот извоз во Кина се зголемил за 330 пати во последните 10 години.
За жал, во Македонија денес малку се знае за Кина, со секоја чест на исклучоците, но имаме малку експерти за Кина и југоисточна Азија. 21 век е век на Кина и на Азија. Кина веќе се етаблираше како глобален центар на економска моќ, а новите технологии, индустрии и компетенции постојано се развиваат. Кина денес е водечка технолошка и економска суперсила, а не само „светска фабрика“. Кина сега учествува со 28% во светското производство, надминувајќи ги САД, Јапонија и Германија заедно., Кина денес е лидер во развојот на вештачката интелигенција, 5Г, електричните возила и зелената енергија. Кина поседува единствена база од сите 100 индустриски технологии. Според Австралискиот институт за стратешки политики АСПИ, НР Кина стана светски лидер во 90% од критичните технологии. НР Кина сега е водечка светска земја во 57 од 64 критички технологии.
Да се надеваме дека затоплувањето на односите ќе продолжи и во наредниот период, и дека круна на тоа ќе биде посета на Кина на македонска делегација на највисоко државно ниво со цел склучување на голем број договори за соработка, по примерот на другите европски земји.
Во македонската политичка јавност се воспостави максимата дека „не постои План Б или друга опција“ освен интеграција во ЕУ и НАТО. Така и секој обид да се воспостават подиректни односи со Кина беа оценувани како „антизападни“ и на можна штета на македонските интереси во геополитички контекст. Но, сега гледаме и дека Западот развива покомплексни односи со Кина иако ја нарекува „ривал“ и „противник“. Односно, и самата ЕУ развива стратегија на различни улоги во односите со Кина согласно реципрочните принципи и интереси. Може ли Македонија повешто да плива дипломатски на таа плима или сепак, сѐ уште постои страв дека може да „потоне“ по прашањето за односите со Кина?
Тодоровски: Македонија како мала држава со нерешени надворешни и внатрешни прашања треба да го бара своето место под сонцето и да има добри односи со сите големи светски сили. Уметноста на дипломатијата е да балансира во меѓународните односи, и во периоди на тектонски промени да го најде најдоброто решение за развојот на државата.
Стратешка цел на сите македонски влади од осамостојувањето до денес се интеграциите во ЕУ и НАТО, иако Македонија плати голема цена за да влезе во НАТО, и ќе мора да плати уште поголема за да влезе во ЕУ. Членството во овие евроатлантски организации на никој начин не ја спречува Македонија да има добри односи со Кина.
Да погледнеме во соседството, па и пошироко. Држави коишто одамна се во НАТО и ЕУ и кои се стратешки важни за САД имаат добри и економски и политички односи со Кина. Од почетокот на 2026 година, практично целиот политички и економски врв на ЕУ, и на скоро сите европски држави беа во посета на Пекинг каде потпишаа голем број на договори со Кина. Кина е втор најголем трговски партнер на ЕУ.

Кај дел од јавното мислење во Македонија расте поволното гледање на Кина како економска и глобална сила, но бројките на терен тоа не го оправдуваат целосно, бидејќи како земја и натаму сме корисник на кинеските кредити додека со години се градат инфраструктурните проекти, а немаме директни кинески инвестиции. Сликата од терен на пример во Србија е многу поинаква, бидејќи нашиот сосед покрај пристап до кредити е примател и на директни инвестиции од Кина, соработка во технологијата и одбраната. Дали таа јавна перцепција во македонското општество е базирана на погрешни информации и што треба да преземат општествените актери?
Тодоровски: Знаете, за танго се потребни двајца. После 2017 година македонско-кинеските односи стагнираа се до 2024 година. Во македонската јавност имаше и има многу негативна пропаганда против Кина и кинеските инфраструктурни проекти. За Кина на Балканот стратешка важност имаат Србија и Грција, кои се клучни во балканската рута на проектот „Појас и пат“, а Македонија се наоѓа на таа рута. За време на претходната власт свесно беа блокирани некои кинески проекти кои требаше да го модернизираат македонскиот железнички транспорт и да ги поврзат Грција и Србија, и кои ќе доведеа до економски и технолошки развој на Македонија. Но, за жал ништо од тоа не се реализираше. За разлика од Србија, Грција, Црна Гора и Унгарија каде се реализираа големи инфраструктурни проекти, и кадешто кинески компании вложија огромни средства.
На Македонија покрај државничко и економско визионерство, кога се во прашање односите со Кина, и недостасува и промоција на своите можности и лобирање за да привлечеме директни инвестиции од Кина. Кина воведе едностран безвизен режим до 30 дена за македонски државјани почнувајќи од 30 ноември 2024, а кинеските државјани мора да вадат визи за да патуваат во Македонија.
Но, за разлика од државните односи, огромен број мали и средни компании од Македонија се поврзани со Кина и соработуваат со кинески компании, а после 2024 година нивниот број постојано расте и тоа радува.
Кои се главните потенцијали за идната соработка со Кина, но и кои се можните ризици на кои мора да внимава политичката номенклатура, и дали воопшто од кинеска страна постои интерес и желба за таков вид на соработка?
Тодоровски: Кина е заинтересирана за соработка со секоја друга држава, и тоа е во духот на кинеската филозофија, историја и традиции. Историскиот „Пат на свилата“ и современиот проект „Појас и пат“ („Еден појас - еден пат“) се најдобар доказ за тоа.
Во надворешната политика Кина ги следи принципите на Џоу Енлај, коишто овој виртуозен дипломат и државник ги презентираше во 1955 година на Конференцијата во Бандунг. Принципите вклучуваат меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, неагресија, немешање во внатрешните работи, еднаквост и меѓусебна корист и мирен соживот.
За Кина, Тајван е црвената линија. Тоа мора да го разберат сите политички партии во Македонија. Затоа Македонија мора да ги прекине сите контакти со Тајван и на државно, и на партиско ниво.
Иницијативата за продлабочување на македонско-кинеските односи треба да потекнува од страна на Македонија. Овде мислам не само на дипломатско ниво, но и на економско, образовно и културно ниво.
Х.С.
