Доделени се 47 социјални станови во Дебар
Во Дебар денеска беа распределени 47 социјални станови на семејства и лица кои имаат најголема потреба од институционална поддршка. На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Марјан Стефановски, како и градоначалникот на Општина Дебар.
Николоски истакна дека распределбата на становите претставува уште еден доказ за посветеноста на Владата кон подобрување на условите за живот на најранливите категории граѓани.
„Навистина е убав момент кога гледаме 47 среќни семејства кои од денеска добиваат свој дом и можност за посигурна иднина. Станува збор за квалитетно изграден објект наменет за најранливите категории граѓани – деца без родители, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, како и самохрани родители со малолетни деца. Драго ми е што оваа политика продолжува и што денеска во Дебар можеме да видиме семејства кои ќе започнат ново животно поглавје во сопствен дом“, изјави Николоски.
Тој потсети дека Владата и Министерството за транспорт и во изминатиот период реализирале повеќе проекти за социјално домување низ државата.
„Досега се доделени 29 станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија. Во моментов се активни огласи за Пробиштип и Свети Николе, а во завршна фаза е изградбата на социјални згради во Бутел, Сарај и Прилеп, додека се планира и изградба на ваков објект во Штип. Со овие проекти решаваме едно од најважните животни прашања на голем број семејства“, нагласи Николоски.
Осврнувајќи се на развојот на Дебар, Николоски истакна дека Владата обезбедува силна поддршка и за локалната инфраструктура.
Премиерот информира дека покрај оваа зграда во Дебар се реализираат уште 23 проекти. Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар му ги предаде клучевите од социјалниот стан на едно семејство, со што симболично ја пушти во употреба новата социјална зграда.
фото Фејсбук/Александар Николоски
