ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дрворедите се неопходни за климатски отпорни градови – какви видови дрвја треба да се засадат во Македонија?

Дрворедите се неопходни за климатски отпорни градови – какви видови дрвја треба да се засадат во Македонија?

Дрворедите се неопходна зелена инфраструктура за климатски отпорни градови, велат од Центарот за климатски промени и додаваат дека постојат неколку видови на дрвја кои може да се засадат во Македонија и да го дадат посакуваниот ефект.  Објаснуваат дека во наши услови, во зависност од конкретната локација, како соодветни видови може да се разгледуваат јужната копривка, сребрената липа, полскиот јавор, ориенталниот чинар, црниот јасен и одредени видови дабови. Изборот, сепак, како што наведуваат треба да биде резултат на стручна анализа, а не унифицирано решение за сите градови. Дрвјата ќе помогнат за време на летните горештини луѓето да се чувствуваат попријатно.

„Урбаното зеленило, а особено дрворедите, претставува една од најважните мерки за адаптација на градовите кон климатските промени. Во услови на сè почести и поинтензивни топлотни бранови, зелените површини не треба да се гледаат како декоративен елемент, туку како инфраструктура што придонесува за заштита на јавното здравје, подобрување на квалитетот на животот и зголемување на отпорноста на градовите. Дрвјата ја намалуваат температурата преку сенката што ја создаваат и преку процесот на евапотранспирација, со што се ублажува ефектот на урбаните топлински острови. Истовремено, тие го подобруваат квалитетот на воздухот, задржуваат дел од загадувачките материи и атмосферските води, ја намалуваат бучавата и создаваат попријатни услови за пешачење, велосипедизам и престој на отворено. Подеднакво важен е и изборот на видовите дрвја. Потребно е да се избираат видови што се прилагодени на локалните климатски и почвени услови, отпорни на високи температури, суша и загадување и кои развиваат широка и густа крошна“, велат од Центарот за климатски промени.

Додаваат дека во моментов не може со сигурност да се каже дали нашите градови располагаат со доволно дрвореди, затоа што недостигаат целосни и ажурирани податоци за покриеноста со крошни и состојбата на урбаното зеленило. Велат дека е очигледно дека зеленилото е нерамномерно распределено, додека постарите населби и паркови располагаат со зрели дрвја и квалитетна сенка, многу новоизградени населби, плоштади, паркиралишта и пешачки правци остануваат речиси целосно изложени на сонце.

„Како позитивни домашни примери можат да се издвојат Градскиот парк во Скопје, зелените коридори покрај реката Вардар, како и делови од општините Карпош и Центар со развиени дрвореди. Воедно, позитивен чекор претставува и изработката на стратегии за развој на зеленилото и зелени катастри во неколку општини, но нивниот успех ќе зависи од доследната примена и континуираното одржување“, објаснуваат од Центарот за климатски промени.

Во светот има градови кои можат да бидат пример за тоа како се инвестира во зеленило. Таква е австриската престолнина.

„Од меѓународните примери особено се издвојува Виена, која систематски инвестира во урбано зеленило и има развиено листа на видови дрвја отпорни на климатските промени, како и современи системи за наводнување и обезбедување соодветен коренов простор. Добар пример е и Меделин, Колумбија, каде зелените коридори придонесуваат за намалување на локалните температури и подобрување на микроклимата. Нашиот став е дека на градовите во Македонија не им се потребни само повремени акции за садење, туку долгорочна и стручна политика за планирање, заштита и одржување на урбаното зеленило. Особено е важно да се зачуваат постојните зрели дрвја, бидејќи нивната еколошка и климатска вредност не може брзо да се надомести со новозасадени садници. Урбаното зеленило треба да се препознае како инфраструктура од јавен интерес и како една од клучните мерки за создавање поздрави, побезбедни и поклиматски отпорни градови“, велат од Центарот за климатски промени.

Инаку, Македонија месецов се соочува со топлотни бранови и високи температури до 40 степени.  Светската здраствена организација(СЗО) препорачува по глава на жител да има по 9 квадратни метри зеленило, а идеално би било ако има 50 квадратни метри зеленило по човек. 

Сања Атанасовска

foto Gemini

ad
Слично

Поврзани вести