ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата ќе гради комерцијални станови во Охрид, склучен договор со тетовска компанија

Државата ќе гради комерцијални станови во Охрид, склучен договор со тетовска компанија

Околу 3,85 милиони евра со ДДВ ќе чини изградбата на новиот комерцијален објект на државното Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во Охрид. Договорот е склучен со тетовската градежна компанија ЦЕАЦОН, а предвидениот рок за изведба е 18 месеци од воведувањето на изведувачот во работа.

Објектот ќе се гради во Блок 8.2, на градежната парцела 7.10. Според претходно објавената документација на АДИССДП, станува збор за комерцијален објект со ориентациона бруто-површина од 8.108 квадратни метри. Со споредување на квадратурата со договорената вредност, изградбата излегува околу 475 евра со ДДВ за бруто-квадрат.

За конкретната зграда на парцелата 7.10 во достапните документи не е наведен точниот број станови. Познато е дека државното друштво планира две комерцијални згради во Охрид со вкупно 130 станбени единици. Во јули минатата година директорот на АДИССДП, Марјан Стефановски, соопшти дека постапката за едниот објект е во тек, а за вториот треба да следува дополнителна постапка.

Најголемиот дел од договорените 3,85 милиони евра со ДДВ оди за самата градба. Градежните и градежно-занаетчиските работи чинат околу 3,24 милиони евра, електротехничките работи околу 264.500 евра, водоводот и канализацијата околу 203.300 евра, а машинските и термотехничките инсталации околу 122.300 евра. За заштитна јама се предвидени околу 18.000 евра, а за сообраќајни работи околу 2.800 евра. Сите овие износи се со пресметан ДДВ.

Пресметката од 475 евра се однесува на бруто-површината на целата зграда. Во неа влегуваат ходниците, скалиштата, заедничките и другите површини, па трошокот пресметан само врз квадратите што ќе можат да се продаваат ќе биде повисок. Точната продажна квадратура засега не е јавно објавена, па во оваа фаза не може прецизно да се пресмета ниту приходот од продажбата.

Сепак, комерцијалниот модел на АДИССДП остава простор за интересна финансиска споредба. Во државната зграда кај „Даре Џамбаз“ во Скопје, која има 112 станови, почетната продажна цена била 1.450 евра за квадрат, а на јавните наддавања биле постигнувани цени од околу 1.600 до 1.916 евра за квадрат. Сите станови во тој објект се продадени. За охридската зграда продажната цена допрва треба да биде утврдена, а токму таа, заедно со конечната продажна квадратура и останатите инвестициски трошоци, ќе покаже колкава заработка може да донесе проектот.

АДИССДП го претставува проширувањето на изградбата на комерцијални станови како начин за зголемување на понудата и влијание врз цените на недвижностите. Во програмата на друштвото остануваат двата планирани охридски објекти со вкупно 130 станови.

По завршувањето на изградбата, државното друштво ќе ги понуди становите на продажба преку јавно наддавање, односно тие се градат како комерцијални станови наменети за продажба на граѓани.

Филип Костов

*Фотографијата е генерирана со помош на ВИ

ad
Слично

Поврзани вести