ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Филип (27) од Дурачка Река е млад земјоделец и сточар, одледува органска храна, цвеќиња и чува 150 кози: „Животот на село не би го заменил за 10 нови“

Филип (27) од Дурачка Река е млад земјоделец и сточар, одледува органска храна, цвеќиња и чува 150 кози: „Животот на село не би го заменил за 10 нови“

Во време кога сѐ повеќе млади ја гледаат иднината далеку од родниот крај, 27-годишниот Филип Митовски од кривопаланечкото село Дурачка Река докажува дека успехот не мора да значи избор меѓу градот и селото. Тој одлучил да ги живее и двата света – во Скопје гради професионална кариера како грумер, грижејќи се за домашни миленици, а секој слободен момент го минува таму каде што му се корените. На семејното стопанство, заедно со родителите, одгледува органско овошје и зеленчук, се грижи за околу 150 кози и произведува домашни млечни производи.

За Филип, селото не е место од кое треба да се избега, туку место каде што човекот повторно се пронаоѓа. Мирисот на свежо сено, изгрејсонцето над планината, дворот преполн со цвеќиња и чувството дека со сопствени раце создава здрава храна му носат мир што не може да се купи. Иако животот на село бара многу труд, рани утра и непрекината работа, тој вели дека кога го сакаш тоа што го правиш – уморот станува помал.

Неговата приказна е потсетник дека традицијата и современиот живот можат успешно да одат рака под рака. Дека не мора да се откажеме од своите корени за да изградиме кариера и дека најголемото богатство понекогаш се крие токму таму каде што сме го направиле првиот чекор. Филип е пример дека младите можат да останат поврзани со земјата, да произведуваат здрава храна, да создаваат вредност и истовремено да ги следат своите професионални амбиции. Во време кога сѐ почесто зборуваме за заминување, неговата животна приказна зборува за враќањето – кон природата, кон семејството и кон корените.

„Живеам и работам во Скопје, но секој викенд го користам за да заминам на село, каде што ме чекаат козите, растенијата и цвеќињата.

Селото ме влече затоа што тука сум израснал и тука ми помина целото детство. Ме привлекува тоа што овде ги имам својот мир, чистиот воздух и органската храна што ја произведуваме заедно со моите родители.

Како што велат постарите, секогаш се враќаш таму каде што ти се корените. Дали целосно би се преселил на село? Можеби во повозрасните години. Засега сакам успешно да ги комбинирам урбаниот и руралниот начин на живот“, вели Филип за Женски магазин.

Додека повеќето викенди ги поврзуваат со одмор, за Филип тие се исполнети со работа што не познава пауза. На семејното стопанство секој час носи нова задача, а денот е испланиран според потребите на природата и животните. Иако обврските се бројни и физички напорни, токму во таа динамика тој ја пронаоѓа својата најголема исполнетост.

„Животот на село, како и секаде, има свој ритам и свои обврски. Еден работен ден ми започнува вака: станувам рано наутро, со изгрејсонцето, и директно одам кај козите и растенијата во нивата да видам што и како е. Ако е потребно, растенијата се наводнуваат, козите се молзат, им ставам храна на свињите, коњите, кучињата и мачињата. До 9 часот со тоа завршувам. Потоа, ако имам други обврски, ги завршувам, а после ги водам козите на пасење, така сè до приквечер. Кога ќе се вратат дома, повторно се молзат и, штом ќе завршам со тоа, одам кај растенијата и цвеќињата, повторно да ги наводнам ако треба, бидејќи во летниот период им треба многу грижа, многу вода и да се исчистат од плевели. Многу често ме фаќа и трета смена со работа, ама нема умор кога го работиш тоа што го сакаш. Така изгледа еден работен ден на село“, раскажува Филип.

Зад секоја мала семејна фарма стои долгогодишен труд, посветеност и борба за опстанок. Наместо сигурна егзистенција, многу земјоделци денес се соочуваат со низа проблеми што ја отежнуваат нивната работа – од неизвесниот пласман на производите до недоволната поддршка за продолжување на традицијата. Една таква приказна носи и ова семејство, кое со години вложува во производство и одгледување, но се соочува со предизвици што го доведуваат во прашање опстанокот на семејното стопанство.

„Со родителите одгледуваме различни земјоделски култури: грав, компир, пипер, домат, краставици, марула, магдонос, зелка, праз, моркови, боранија, грашок, лук и кромид, а од овошки имаме скоро сѐ: јаболки, круши, цреши, вишни, малини, јагоди, рибизли, капини, аронија, праски, лешници, костени и ореви. Исто така, се занимаваме и со сточарство, чуваме отприлика 150 кози. На денешницава многу е тешко да се одржи вакво семејно стопанство затоа што нема откуп за јарињата, нема откуп за млекото, па го правиме сирење. Доцнат субвенциите, самата држава не презема ништо. Ете затоа младите бегаат во странство. Каде ќе произведеш храна, а нема пласман за неа, не можеш да ја продадеш, а се увезува од страна. Тоа е најголемиот предизвик со кој се соочуваме секоја година.“

Во еден тивок агол исполнет со бои и мириси, цвеќињата стануваат повеќе од обична декорација - тие се извор на радост, спокој и лична исполнетост. За некои луѓе, грижата за растенијата не е само хоби, туку љубов што се гради низ годините и носи посебно чувство на создавање и поврзаност со природата.

„Дворот ми е полн со цвеќиња: далии, џунџулиња и сурфинии. Цвеќињата бараат малку љубов, а пружаат многу. Љубовта кон цвеќарството се роди откако знам за себе. Чувството е прекрасно, те смирува, знаеш дека нема да ти нанесе зло. Чувството е прекрасно кога ќе се расцвета, знаеш дека ти си му дал живот. Истото е тоа кога мајката ќе носи бебе во себе и после 9 месеци ќе донесе живот. Чувството е прекрасно.“

Работата со животни бара многу повеќе од знаење и вештина - таа бара разбирање, трпение и искрена посветеност. За оние кои секојдневно се грижат за домашните миленици, секој третман е посебна средба во која довербата се гради со внимание и смиреност. Токму таков пристап има Филип како грумер, кој својата професија ја избрал поради љубовта кон животните и желбата да создава пријатно искуство за нив.

„Работам и како грумер, професија која бара многу трпение, прецизност, а пред сѐ многу љубов кон кучињата и мачките. Оваа работа е психолошка и не може секој да ја работи бидејќи бара трпение, смиреност и многу љубов. Па, оваа работа најмногу се надополнува со тоа што си во комуникација со животни, а не со луѓе, и затоа ја избрав да ја работам.“

Целиот разговор на Женски Магазин....

ad
Слично

Поврзани вести