(ФОТО) Некогаш една од најубавите плажи во Преспа, денес запуштена: Мештаните сами го чистат Стење
Фото: Фактор
Плажата во Стење некогаш важеше за едно од најубавите и најпосетуваните места на Преспанското Езеро. Во 2015 година таа беше уредена со песок и дополнителни содржини, а потоа привлече голем број домашни и странски туристи. Денес, сликата што ја опишуваат мештаните е сосема поинаква.

Според реакцијата од жителите на Стење, плажата е запуштена, шеталиштето е обраснато, а дел од просторот морале да го расчистуваат самите мештани за посетителите воопшто да можат нормално да пристапат до водата и да се капат.

Посебен проблем, велат, е состојбата навечер. Уличното осветлување не функционира како што треба, па делови од плажата и шеталиштето остануваат во целосен мрак.
„Луѓето плаќаат улично осветлување, а навечер е мрак. Сакаат туристи, а денар немаат инвестирано“, велат локалните жители.


Контрастот е уште поголем ако се потсетиме дека Стење пред десетина години беше промовирано како современо уредена плажа со угостителски содржини и простор за одмор и рекреација.
Денес, наместо нови содржини и инвестиции што би ги привлекле туристите, мештаните бараат барем основно одржување – чиста плажа, проодно шеталиште и осветлување.


А токму Стење е пример колку брзо едно туристичко место може да го загуби некогашниот сјај доколку инфраструктурата не се одржува и во него не се вложува континуирано.
