Град Скопје ги послуша апелите на архитектите – Паднатите дрвја од невремето ќе се искористат за реквизити
Град Скопје ги послуша апелите од стручната јавност, особено од архитектите да ги употреби трупците од паднатите дрвја по големото невреме проследено со силен ветер за изработка на реквизити за детски игралишта, урбана опрема и донации во огревно дрво за социјално ранливи семејства, наместо да ги фрли во отпад. Дрвото е вреден ресурс и сѐ што може повторно да се употреби треба внимателно и стручно да се обработи за да има поголема трајност.
„Дел од собраните материјали ќе биде наменет за изработка на моторички реквизити за деца, со цел да се создадат подобри услови за нивна игра, развој и физичка активност. Останатиот дел ќе бидат наменети за помош на социјално загрозени семејства, во соработка со Црвениот крст и „Св. Спас“, со што дополнително ќе им се помогне на оние на кои им е најпотребна поддршка“, велат од Град Скопје.
Иницијативата беше покрената од МЕЛЕЕМ предводен од архитектката Сара Симоска, по примерот на повеќе светски метрополи, каде по големи невремиња и голем број паднати дрвја се води грижа за нивна реупотреба и нова вредност за општествената заедница наместо нивно фрлање во депонија.
„Важно е да нагласиме дека ние како институција сме секогаш отворени за нови идеи и иницијативи, затоа прифатливи и добредојдени се сите добронамерни предлози, како и на МЕЛЕЕМ“, одговорија од Град Скопје.
Архитектката Симоска преку социјалните мрежи упати апел да се искористат паднатите дрвја по примерот на скандинавските земји каде се применуваат сирови дрвени материјали за изработка на детски игралишта, каде може да се стекнат подобри тактилни вештини со дрвото како природен материјал.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека голем дел од здравите стебла од паднатите дрвја веднаш после невремето, решено е да не завршат како отпад, туку да добијат нова намена.
„Од нив, на Водно создаваме нов моторички парк - специјално уредени простори со природни препреки и реквизити за развој на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност“, велат од Град Скопје.
Овој простор ќе биде наменет за децата, младите, но и за возрасните за рекреација, движење, дружење и повеќе време поминато во природа.
„На овој начин, со сопствени ресурси и стручни кадри, продолжуваме да придонесуваме за уредување и разубавување на јавните простори и создавање подобри услови за сите граѓани“, дополнуваат од Град Скопје.
Освен поставување на нови детски игралишта и реквизити од паднатите дрвја, од градот најавија и голема есенска акција на пошумување за надоместување на предизвиканата штета од јулското невреме.
„На местото на паднатите дрвја се засадуваат нови садници, а во втората половина на месец септември ќе започнеме голема есенска акција за пошумување на нашиот град“, порача градоначалникот Ѓорѓиевски.
Засега се уште не се достапни точни бројки за вкупната предизвикана штета од големото невреме кое го погоди Скопје, откако голем број кровови и останати градежни елементи беа откорнати. Десетина граѓани побараа лекарска помош, а за среќа немаше загинати.
Се проценува дека стотина дрвја паднале како последица на силниот ветер, што предизвика особена штета во Градскиот парк и останатите зелени површини низ Скопје.
Х.С.
