ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Гранит“ со силен раст во првото полугодие од 2026 година: Добивка од 5,2 милиони евра благодарение на автопатот Кичево – Охрид

„Гранит“ со силен раст во првото полугодие од 2026 година: Добивка од 5,2 милиони евра благодарение на автопатот Кичево – Охрид

Градежната компанија „Гранит“ АД Скопје оствари извонредни позитивни финансиски резултати во периодот од јануари до јуни 2026 година, покажуваат неревидирани единечни финансиски извештаи објавени на берза. Компанијата забележа значителен скок на приходите и профитот во споредба со истиот период од изминатата година, а скокот во голема мера е резултат на интензивираните градежни работи на автопатот Кичево – Охрид, како и на неколку други значајни проекти. 

Вкупните приходи на градежниот гигант во првата половина од годината достигнаа 2,41 милијарди денари, односно околу 39,22 милиони евра, што претставува зголемување за високи 70 проценти во однос на истиот период минатата година.  Главен двигател на овој раст се приходите од продажба, кои скокнаа за 83 проценти и изнесуваат 2,14 милијарди денари (околу 34,77 милиони евра).

Дополнително, компанијата забележа и финансиски приходи од 156,85 милиони денари (околу 2,55 милиони евра), благодарение на повисоката дивиденда што ја доби од нејзините акции во „Комерцијална банка“ АД Скопје.

-  Остварените единечни вкупни приходи во периодот Јануари - Јуни 2026 година изнесуваат 2.411.607 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период 2025 година бележат зголемување за 70%. 

Приходите од продажба за периодот Јануари - Јуни 2026 година изнесуваат 2.138.222 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период 2025 година бележат зголемување за 83% пред се како резултат на фактот дека Друштвото има зголемен обем на работа на проектот автопат Кичево Охрид и неколку други проекти.

Финансиските приходи за периодот Јануари - Јуни 2026 година изнесуваат 156.857 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период 2025 година бележат зголемување пред се како резултат на повисоката добиена дивиденда од акциите во Комерцијална банка АД Скопје – се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.

Паралелно со растот на приходите и зголемениот обем на градежни активности, се зголемија и вкупните расходи за 67 проценти, достигнувајќи 2,09 милијарди денари (околу 34,02 милиони евра).

Сепак, крајниот резултат на „Гранит“ за првите шест месеци од годината е позитивен, со остварена добивка од 319,57 милиони денари, односно околу 5,2 милиони евра.

Вкупната сеопфатна добивка изнесува 137,53 милиони денари (околу 2,24 милиони евра), земајќи ја предвид промената на пазарната вредност на портфолиото со акции во сопственост на компанијата. Овие резултати го надминуваат првично зацртаниот финансиски план за овој дел од годината. Сликата за финансиската стабилност на „Гранит“ ја потврдува и билансот на состојба.

Вкупната актива на компанијата на крајот на јуни изнесувала 9,97 милијарди денари (околу 162,15 милиони евра), што е зголемување од 6 проценти во споредба со декември 2025 година.

Тековните средства забележаа раст од 24 проценти и достигнаа 4,6 милијарди денари (околу 74,82 милиони евра), пред сè поради поголемите побарувања од купувачи и набавката на материјали за нови градежни зафати.

Постојаните средства се намалени за 5 проценти и изнесуваат 5,37 милијарди денари (околу 87,33 милиони евра), главно како резултат на редовната амортизација. Тековните обврски на компанијата бележат зголемување за 40 проценти и изнесуваат 2,04 милијарди денари (околу 33,21 милиони евра).

Растот се должи на поголемите обврски кон добавувачите, користењето краткорочни кредити за финансирање на тековното работење, но и на резервираните средства за исплата на дивиденда, одлука донесена на Собранието на акционери.

-  На Собранието одржано на 18 мај 2026 година, беше донесена одлука за исплата на дивиденда за минатата година во вкупен износ од 135,74 милиони денари (околу 2,21 милиони евра), односно бруто-износ од 49 денари (околу 0,80 евра) по акција, чија исплата треба да заврши до крајот на септември – се посочува во извештајот.

Во меѓувреме, „Гранит“ продолжи и со инвестицискиот циклус, при што во првото полугодие вложи 45,99 милиони денари (околу 748 илјади евра) во нова опрема и механизација. Од раководството на компанијата истакнуваат дека во претстојниот период очекуваат побрзо завршување на постојните инфраструктурни проекти и добивање нови договори преку претстојните тендери во градежниот сектор.

П.О.

ad
Слично

Поврзани вести