Колку малолетници возеле без дозвола низ Македонија годинава, бројката загрижува
Дете од 14 години управува четирицикл во Гостивар, 16-годишници се фатени со „мерцедеси“, „голфови“ и мопеди, а 17-годишник во Битола седнал зад волан без право да вози и удрил пешак кој бил тешко повреден. Ваквите случаи со месеци се појавуваат во полициските билтени, а собрани на едно место покажуваат загрижувачки тренд.
Од 6 февруари до 9 август годинава, во официјалните соопштенија и дневни билтени на Министерството за внатрешни работи се евидентирани најмалку 105 малолетници кои управувале моторни возила без возачка дозвола. Во бројката се вклучени само случаите во кои МВР јасно наведува дека малолетникот немал дозвола или немал стекнато право за управување, па реалната бројка може да биде и повисока.
Случаи има низ целата земја, од Скопје, Тетово и Гостивар до Битола, Кичево, Кочани, Прилеп, Струмица и помалите населени места. Малолетниците управувале автомобили, мопеди, мотоцикли и четирицикли, а во голем број случаи полицијата ги одземала возилата. Во полициските објави ретко се наведува кому му припаѓале тие возила и како децата дошле до клучевите.
Последиците во дел од случаите биле сериозни. На 13 февруари во Битола, 17-годишник со „даеву тико“ удрил 42-годишен пешак кој се здобил со тешки повреди. Во Гостивар малолетник со мопед удрил полициски службеник, а во јули 16-годишник без положен возачки испит учествувал во сообраќајна незгода со нерегистриран мопед.
Особено многу случаи се регистрирани со приближувањето на летото. Во февруари биле евидентирани најмалку 11 малолетни возачи без дозвола, во март 13, во април осум, во мај 22, а во јуни 30. Во јули се потврдени уште најмалку 12, а во првите девет дена од август уште девет.
Само на 6 август МВР објави дека од 15 лица фатени како возат без дозвола, петмина биле малолетници. Три дена подоцна, од осум возачи без дозвола, четворица биле малолетни. Тоа се девет малолетни возачи во само две полициски акции.
Меѓу најмладите е и 14-годишно дете кое на крајот на јули било запрено во Гостивар додека управувало четирицикл без дозвола. Возилото било одземено. Во друг случај, 16-годишник од Алданци бил фатен со „мерцедес“, а истиот период полицијата запирала малолетници и со „фолксваген бора“, „голф“ и други автомобили.
Во повеќето случаи следуваат разговори со родителите, известување јавен обвинител, одземање на возилото и кривична постапка. Нови случаи, сепак, продолжуваат да се појавуваат речиси секоја недела.
Повеќе од сто деца зад волан без дозвола за нешто повеќе од шест месеци покажуваат дека станува збор за поширок проблем. Покрај прашањето како да се спречат малолетниците да возат, останува и прашањето како толку многу од нив воопшто стигнале до автомобил, мотор, мопед или четирицикл и излегле со него во сообраќај.
Кај малолетникот, возењето без дозвола може да доведе до постапка за „безобѕирно управување со моторно возило“, а мерката зависи од возраста и околностите и може да вклучува воспитни или други мерки според Законот за правда за децата. МВР во вакви случаи го известува јавниот обвинител за малолетници и често го одзема возилото. Последици може да има и за родителот или сопственикот на возилото ако се утврди дека знаел дека детето нема право да управува, при што може да следува и одземање на возилото, зависно од конкретниот случај.
Филип Костов
