Колку пари врти „Дурмо турс“ по Ласкарци, куршумите и новиот пожар
Трагедијата кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, откривањето 580 парчиња муниција во автобус на Табановце и најновиот пожар во автобус на автопатот Тетово–Гостивар го вратија „Дурмо турс“ во центарот на вниманието.
Фактор ги анализираше финансиските резултати на компанијата врз основа на податоци од Македонското кредитно биро обезбедени од редакцијата. Извештајот се однесува на правното лице „Друштво за транспорт, туризам, трговија и услуги ДУРМО ТУРС Дурмиш ДООЕЛ експорт-импорт“, со седиште во Беловиште, Гостивар.
Во периодот од 2021 до 2025 година компанијата остварила вкупни приходи од околу 1,85 милиони евра. Најмногу пари свртела во 2023 година, кога приходите достигнале приближно 521.000 евра. Во 2021 година тие изнесувале околу 425.000 евра, а во 2022 година пораснале на приближно 467.000 евра.
По 2023 година следува значителен пад. Приходите во 2024 година се намалиле на околу 269.000 евра, а во 2025 година на приближно 168.000 евра. Во споредба со најуспешната година од анализираниот период, приходите до 2025 година паднале за речиси 68 проценти.

Падот на обемот на работењето се гледа и кај бројот на вработени. „Дурмо турс“ во 2021 година имал 45 вработени, а во 2025 година само 14. За пет години бројот на вработени е намален за речиси 69 проценти.
Финансиските показатели покажуваат дека компанијата продолжила да остварува приходи и во годините по трагедијата кај Ласкарци, а последните две години бележи силно намалување на прометот, добивката и бројот на вработени. Најновиот пожар дополнително го враќа вниманието кон работењето и безбедноста на превозникот.
Филип Костов
