ad

Економија, финансии, бизнис

Контакт

Комерцијална банка со добивка од 45,5 милиони евра во првото полугодие, каматните приходи растат и покрај предизвиците

Комерцијална банка со добивка од 45,5 милиони евра во првото полугодие, каматните приходи растат и покрај предизвиците

Комерцијална банка АД Скопје во првите шест месеци од 2026 година оствари позитивен финансиски резултат од 2,798 милијарди денари или околу 45,5 милиони евра, покажуваат финансиските извештаи на банката. 

Сепак, оваа добивката е за 5,5 отсто пониска во споредба со истиот период минатата година, кога изнесувала 2,960 милијарди денари, или околу 48,1 милиони евра. Но, и со намалена добивка, банката го надминала планираниот резултат и ја реализирала планираната бруто-добивка со 110,9 проценти.

Од банката посочуваат дека резултатот е постигнат во услови на зголемени ризици на глобалните пазари, геополитички тензии, новиот конфликт на Блискиот Исток, нарушувања во снабдувањето со енергенси и притисоци врз инфлацијата. Дополнителен фактор биле и повисоките каматни стапки во еврозоната, поради што Народната банка во јуни ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на ниво од 4,25 проценти.

Вкупните приходи од работењето на Комерцијална банка во периодот јануари – јуни 2026 година достигнале 4,336 милијарди денари, односно околу 70,5 милиони евра, што претставува намалување од 3,3 проценти во однос на истиот период лани.

Најзначајна компонента во приходите остануваат нето-приходите од камати, кои изнесуваат 3,476 милијарди денари (околу 56,5 милиони евра) и бележат раст од 2,4 проценти. Зголемувањето главно се должи на повисоките приходи од камати од државниот сектор, поради зголемените вложувања во државни хартии од вредност, но и на растот на кредитирањето на домаќинствата и компаниите.

Приходите од камати се зголемиле за 3,4 проценти, додека расходите по основ на камати пораснале за 10,2 проценти поради поголемиот обем на орочени депозити. Нето каматната маржа на банката е намалена од 3,63 проценти на крајот на вториот квартал од 2025 година, на 3,45 проценти заклучно со 30 јуни 2026 година.

Раст бележат и приходите од провизии и надоместоци. Тие достигнале 661,5 милиони денари (околу 10,8 милиони евра), што е зголемување од 6,6 проценти, како резултат на поголемиот обем на активности со клиентите.

Од друга страна, нето-приходите од курсни разлики се намалени за 8,4 проценти и изнесуваат 198,8 милиони денари (околу 3,2 милиони евра), додека останатите приходи од работењето паднале за 38,6 проценти, на 407,4 милиони денари (околу 6,6 милиони евра), главно поради пониската капитална добивка од продажба на преземен имот.

Оперативните расходи на банката во првото полугодие изнесуваат 1,256 милијарди денари (околу 20,4 милиони евра) и се повисоки за 4,4 проценти во однос на истиот период минатата година. Растот најмногу се должи на повисоките плати и останатите трошоци за вработените, како и зголемената амортизација.

Нето исправката на вредност на финансиските средства изнесува 281,3 милиони денари (околу 4,6 милиони евра) и е намалена за 10,9 проценти во споредба со лани.

Банката во извештајот наведува дека во следниот период ќе продолжи со кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, но со внимание поради заострените регулаторни барања. Според податоците од банкарскиот систем, во јуни кредитната активност на годишно ниво пораснала за 13,1 процент, при што кредитите кон домаќинствата се зголемиле за 12,1 процент, а кон компаниите за 14,2 проценти.

Комерцијална банка најавува дека во следниот период фокусот ќе биде ставен на одржување на квалитетот на кредитното портфолио, дигитализација на услугите, модернизација на деловната мрежа, подобрување на управувањето со ризиците и усогласување со новите регулативи во финансискиот сектор.

ad
Слично

Поврзани вести