МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД СВЕТСКА БАНКА – позајмуваме 25 милиони евра, но истовремено откажуваме стар заем
Владата поднесе нов предлог-закон во Собранието со кој во следниот период ќе се задолжиме кај Светска Банка нови 25 милиони евра.
Сепак, истовремено државата прави промена на претходен договор за позајмување и се откажува договорената позајмица тешка 19,2 милиони евра од стариот проект и се преминува на нов инструмент, каде што секое евро од Светска банка ќе зависи од конкретно зацртани реформи и ревизорска верификација.
До Собранието на Република Северна Македонија доставен е нов Предлог-закон за задолжување кај Светска банка, со кој се реструктуира досегашниот проект и се обезбедуваат 25 милиони евра преку нов модел на исплата, а се бара тој да се донесе по скратена постапка.
- Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за финансии да ја извести Светска банка за потребата од обезбедување на заем во износ од 25.000.000 евра односно 23.000.000 евра преку новиот инструмент Програма за резултати - Program-for-Results (PforR) и 2.000.000 евра преку инструментот Финансирање на инвестициски проекти - Investment Project Financing (IPF) за Проектот „Подобрување на јавните расходи, одговорноста и даночната администрација.“– се посочува во законското решение доставено до пратениците.
Со овие законски измени, државата најавува дека ќе се откаже од 19,2 милиони евра од претходен заем склучен во 2023 година, од кој досега биле искористени само 800.000 евра. Со сегашните измени се најавува нова „Програмска рамка за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација“.
- Со Договорот за заем(25.01.2023) обезбеден е заем во износ од 20.000.000 евра. Досега од заемот од Светска банка повлечени се 800.000 евра, а преостанатите средства во износ од 19.200.000 евра планирано е да се откажат со склучување на Амандман на договорот за заем, по усвојување на Законот за изменување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии од страна на Собранието и негово објавување во Службен весник на Република Северна Македонија– се појаснува во законот.
Главната новина во ова задолжување е воведувањето на инструментот „Програма за резултати“ (Program-for-Results - PforR), преку кој се наменети 23 милиони евра. За разлика од традиционалните заеми, каде парите се повлекуваат врз основа на доставени фактури за трошоци, кај овој инструмент исплатата е директно условена со исполнување на однапред дефинирани цели и реформи.
Останатите 2 милиони евра од заемот ќе бидат обезбедени преку стандардниот инструмент за инвестициски проекти (IPF) и ќе се искористат за техничка помош, обуки и управување со процесите.
За разлика од претходниот модел каде процесот беше главно во рацете на Министерството за финансии, во новиот модел се вклучуваат уште две клучни институции. Тоа се Управата за јавни приходи (УЈП), која треба да гикоординира активностите за модернизација на даночната администрација, воведувањето на електронско фактурирање, дигиталните услуги и контролата на даночните ризици.
Во активностите ќе биде вклучено и Министерството за дигитална трансформација (МДТ), по чии ингеренции ќебиде техничката координација за системот САМИС и управувањето со државната помош.
Целта на оваа реформа е подобрување на транспарентноста и ефикасноста при трошењето на народните пари, модернизација на буџетирањето и сметководството, како и поефикасна наплата на даноците.
- Целта на проектот е спроведување на реформи во областа на управувањето со јавните финансии, со цел модернизација на системите за буџетирање, сметководство, надзор на државната помош и администрирање на даноци во согласност со новиот Закон за буџет и Програмата за управувањето со јавните финансии 2025 – 2028 и Реформска програма на Управата за јавни приходи 2025 – 2028 година – „Транзиција во дигиталниот свет“– се посочува во законското решение доставено во Собрание.
По преговорите одржани на почетокот на јули 2026 година со Светска банка, финалниот услов за потпишување на договорот е пратениците во Собранието да го изгласаат овој закон.
П.О.ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
