МАКСТИЛ „ИЗВАЛА“ ПОВЕЌЕ ЛИМОВИ ОД ЛАНИ – во првите шест месеци од годината заработија 3,5 милиони евра
Челичниот гигант „Макстил“ од почетокот на годината остварил добивка пред оданочување која за малку не достигнува 4 милиони евра, или нето добивка од 3,5 милиони евра.
Согласно последниот извештај на компанијата објавен на Македонска берза, од почетокот на годината нивното производство е благо зголемено во споредба со минатата година истиот период, но не ги достигнало планираните нивоа.
- Оствареното производство на челичанските слабови во првото полугодие на 2026 изнесува 161.688 тони што споредено со 137.415 тони во 2025 претставува зголемување од 17 отсто, додека во однос на планираното производство за првите шест месеци (167.400 тони) претставува намалување од 4%. Оствареното производство на дебели лимови во производниот погон Валавница во извештајниот период изнесува 148.753 тони што споредено со 149.914 тони во истиот период на 2025 претставува намалување од 1%, додека во однос на поставениот производен план за првото полугодие од годинава - 164.646 тони претставува намалување од 10% - се посочува во извештајот.
Од компанијата укажуваат дека во првото полугодие од 2026 година, глобалната челична индустрија се соочи со намалена побарувачка, прекумерни производствени капацитети и силен притисок од азискиот извоз (пред сè од Кина и Индија) со ниски цени.
На европскиот пазар, кој е примарен за компанијата, Европската Унија од 1 јули 2026 година воведе нов систем на квоти за увоз на челик за заштита на сопствената индустрија. Иако овие мерки имаат за цел стабилизација, преминот кон нови правила на носечкиот пазар носи дополнителни оперативно-стратешки предизвици.
Сепак, во извештајниот период јануари – јуни 2026 година, Макстил АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати, при што вкупните приходи од работењето достигнале 67,48 милиони евра или 4,15 милијарди денари при што имаат намалување од 11% во споредба со 75,45 милиони евра или 4,64 милијарди денари во истиот период во 2025 година.
- Во овој период се остварени приходи од работење во износ од 4,15 милијардиденари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со 98%. Споредено со истиот период од 2025 остварените приходи од работењето (4,64 милијарди) се пониски за 11%. Намалените приходи се должат воглавно на намалената реализација во однос напретходната година за повеќе од 15.000 тони лимови и намалените приходи од директна продажба во однос на приходите од преработка – се нагласува во извештајот.
Вкупни расходи од работењето достигнале 59,02 милиони евра или 3,63 милијарди денари, при што е забележано намалување од 10% во споредба со 65,37 милиони евра - 4,02 милијарди денари во 2025 година.
- Добивката пред оданочување во извештајниот период е 241 милиони денари, ибележи намалување во споредба со остварената во првото полугодие од 2025,додека нето добивката изнесува 215 милиони денари, и е намалена во однос наостварената за истиот период во минатата година. Намалувањето на добивката седолжи пред сѐ на тоа што во истиот период во 2025 година беше оприходуванданокот на солидарност што беше признаен како трошок во 2023 година – укажуваат во извештајот.
И покрај сложените пазарни услови, компанијата забележа раст во производството на челичански слабови, додека реализацијата на лимови забележа благо количинско намалување.
Во овој период не е извршена исплата на дивиденда. Со одлука на Собранието на акционери, остварениот резултат е искористен за покривање на пренесените загуби од минати години и издвојување на задолжителна законска резерва.
Реализирани се инвестиции во износ од 1,11 милиони евра или 68 милиони денари, претежно за модернизација, техничко одржување и подобрување на безбедноста при работа.
Со оглед на тоа што пазарот на ЕУ традиционално учествува со 60–65% од вкупните испораки, фокусот во второто полугодие ќе биде ставен врз надминување на предизвиците од новиот систем на индивидуални квоти на ЕУ, каде количините над квотата подлежат на 50 отсто царини.
Од компанијата укажуават дека ќе се насочат кон проекти за морска бродоградба и инфраструктура во Турција, речна бродоградба и градежни проекти за „ЕКСПО 2027“ во Србија, како и анализа на можности во Велика Британија и САД. Исто така нивна цел ќе бидат и производи со повисока додадена вредност, како бродски лимови со дополнителна обработка (пескарење и боење) за зачувување на ценовната маржа. Меѓу нивните цели ќе биде и пласман на производи кои не подлежат на ограничувањата на ЕУ квотите и флексибилно управување со производствениот микс.
П.О.
